За пет години се планира да бидат поставени 1.700 брзи полначи за електрични камиони, коишто ќе се напојуваат со еколошка струја. Мрежата ширум Европа ќе биде јавно достапна за камиони и туристички автобуси.
Трите водечки производители на камиони Traton Group, Daimler Truck и Volvo Group потпишаа спогодба за изградба и раководење со јавно достапна мрежа од брзи полначи за тешки камиони и туристички автобуси со електричен погон во Европа. Големиот зафат ќе ја зајакне довербата на клиентите во електричниот погон, а секако дека ќе даде и голем придонес за климатски неутрален транспорт во ЕУ.
Трите партнери ќе имаат третински удели во заедничкиот проект. Компанијата ќе започне со работа в година. Првичната фаза предвидува вложување половина милијарда евра, за најмалку 1.700 електрични брзи полначи да се постават во рок од пет години по автопатиштата и во логистичките центри.
Полначите ќе користат еколошка струја. Партнерите што ќе се приклучат и дополнителните јавни средства ќе придонесат да се зголеми бројот на полначи. Седиштето на самостојната компанија ќе биде во Амстердам.
Извештај на асоцијацијата на производители на возила наведува дека најдоцна до 2025 година се неопходни до 15.000 брзи полначи, за нивниот број до 2030 година да се зголеми на 50.000 брзи полначи, за камионскиот транспорт и превозот на патници со возила со електричен погон да функционира добро во поглед на мрежата од полначи.
















