На моторот му е потребно многу подолго време да ја постигне работната температура, ако се остава да работи во место. Притоа не само само се троши многу гориво, туку и горивото се троши бескорисно.
Автомобилскиот свет одамна има проверено дали е корисно моторот да се остава да работи во место, за тој прво да загрее, па потоа да се појде. На едно тестирање направено при надворешна температура од -10 степени Целзиусови, моторот работеше четири минути во место, по што моторното масло се „загреа“ на само -7 степени Целзиусови. Притоа, темпертатурата на воздухот што струеше од отворите за воздух изнесуваше само 13 степени Целзиусови. Во тие четири минути, моторот согоре 0,1 литар бензин.
Проблемот е во тоа што загревањето на моторот во место е штетно. Со самото оставање моторот да загрее додека возилото мирува, на моторот му е потребно подолго време за барем малку да загрее. Работата на студено е најштетното што може да му се случи на моторот. А, со оставањето на возилото да работи во место, времето на работа на моторот на студено само се продолжува. Со тоа се прави само поголема штета.
Кога моторот се остава да загрее во место, на моторното масло му е потребно подолго време додека се загрее, а сé дотогаш, абењето на моторот е зголемено.
Во Германија и уште неколку европски држави, оставањето возилото да работи во место подлежи на казна. Тоа претставува прекршок според член 30 став 1 од Законот за патен сообраќај, којшто ги обврзува сите учесници во сообраќајот да избегнуваат создавање каква било непотребна бучава или емисија на штетни материи.
Членот од Законот вели: „При користењето на возилата се забранува непотребна бучава и испуштање штетни гасови што можело да биде избегнато. Посебно се забранува, моторот на возилото да се остава да работи непотребно и вратите на возилото да се затвораат прекумерно гласно. Бескорисно возење ваму-таму во кругот на населбите е забрането, доколку притоа се вознемируваат останатите лица.“
Германските закони поаѓаат од тоа дека моторот служи првенствено да го погонува возилото, а не служи за стаклата да се одмрзнат или да се загрева кабината. При прекршување на законите, следи парична казна во висина од 80 евра, на што дополнително треба да се пресметаат и локалните административни такси.

Електричните автомобили се покажуваат во предност во студените утра. Повеќето модели со погон на струја располагаат со тајмер што во точно време го вклучува греењето на кабината. Покрај тоа, на електромоторот не му се потребни десетина минути додека ја постигне работната температура. Но, студот е предизвик и за електричните автомобили, затоа што капацитетот на батеријата слабее во одредена мера при мошне ниски температури.
>>> Како изгледа зимата за возачите на електричен автомобил
















