За половина година продадени 3.758 нови возила на македонскиот пазар

Од јануари до јуни, на македонскиот пазар се продадени вкупно 3.241 нови патнички и 517 нови доставни возила. Тоа соодветствува на раст од 36,6 проценти, односно 44,4 проценти. Најпродавана марка во јуни е Шкода.

Македонскиот автомобилски пазар е меѓу најбрзо растечките пазари во Европа. Тоа можеби ќе беше и соодветно да се напомене, доколку не стануваше збор за пазар што од 2010 година наваму, значи близу деценија и пол, опстојува без какво било ограничување на увозот на користени луксузни автомобили. Тоа е веќе многупати посочувано во објавите на Аутомедиа, меѓутоа нема да биде одмет уште еднаш на кусо да се објасни тоа што вистински се случува на македонскиот пазар.

Стари луксузни автомобили, а тоа значи автомобили со „тешки каросерии“ и силни мотори, со соодветно висока емисија на штетни материи – границата во Македонија е поставена на Еуро 4, значи норма воведена пред 20 години – се наоѓаат евтино во Германија, Швајцарија и слични реално моќни пазари, затоа што нивните сопственици при регистрирањето на тие автомобили треба секоја година да плаќаат скапи казни поради високата емисија на штетни материи, односно загадувањето. Покрај тоа, на господата секако не им е неважно тоа што на ветробранот ќе треба да носат црвена налепница, за народот да ги „гледа“ тие автомобили со висока емисија на штетни материи. Тие автомобили се донесуваат евтино во Македонија, каде што одвај дека законите ги штитат граѓаните од загадувањето од автомобилите.

Дали големиот и постојан раст во продажбата на нови и нормални автомобили во изминативе десетина месеци говори дека граѓаните се враќаат кон разумниот избор и повторно се воспоставува пазарот што до 2010 година се движеше во мошне примерна насока? Подробни статистики за движењата на автомобилскиот пазар или какви било стручни анализи за коишто е потребна силна финансиска поддршка, секако дека изостануваат, за оттаму да може да се оцени што точно се слулува на автомобилскиот пазар во моментов.

Растот во почетокот на 2023 година се темелеше главно на нормализирањето на снабдувањето на производителите на автомобили со компоненти, односно на ублажувањето на чип-кризата, што ја зафати целата бранша. Претходно се јавуваа долги рокови на испорака, што привремено ја „ослабна“ продажбата. Меѓутоа, растот што се случува во првата половина од годинава не може да се должи само на нормализирањето на роковите на испорака и исцрпувањето на залихите од нарачки за нови автомобили, што се натрупуваа во времето на чип-кризата.

За десет години во последниот период што го објавува статистиката, во Македонија се издадени вкупно 350.589 нови регистерски ознаки. Но, возниот парк не пораснал за толку

Познавачите сепак ќе препознаат еден показател, што повеќе укажува на последиците од „африканскиот“ увоз на стари автомобили. Според официјална македонска статистика што се темели на податоци од МВР, во Македонија во 2012 година биле регистрирани вкупно 301.761 патнички автомобили. Десет години подоцна, вкупниот возен парк во земјава брои 483.482 возила. Во истиот период, во Македонија биле издадени 350.589 нови регистерски таблици. Во таа статистика влегуваат и фабрички нови автомобили и увезени стари автомобили.

Број на возила постари од 10 години во Македонија, во илјади, за период од 2003 до 2022 година години

Број на возила постари од 10 години во Македонија, во илјади, за период од 2003 до 2022 година години, официјална статистика

Тоа би можело да биде гордост, сé додека не се вклучи уште еден извор, Царината. Според нивните податоци, во земјата во периодот од 2012 до 2022 година се увезени 287.268 користени автомобили. Наспроти тоа се увезени 57.074 фабрички нови патнички автомобили – дел од тоа опфаќа и нови автомобили што се извезени повторно за блиски пазари. Грубо земено, тоа дава вкупно увезени 344.342 нови и стари патнички автомобили.

Вистината: Кога на вкупно регистрирани 301.761 автомобили во 2012 година ќе се приклучат 344.342 нови и стари автомобили вкупно увезени до 2022 година, се добива ориентациска бројка дека земјата на завршетокот на 2022 година требало да брои возен парк од вкупно 646.103 патнички автомобили. Тоа е само ориентациска бројка, затоа што треба да се земе предвид дека некои возила во меѓувреме се завршени во отпад.

Повеќе од 160.000 возила „недостигаат“ во статистиката. Каде исчезнале тие?

Место во земјата во 2022 година, до кога се води последната статистика, да имало близу 650.000 автомобили, увезувани нови од фабрика или довлечкани стари од автоплацеви по Европа, возниот парк според статитистиката броел вкупно 483.482 автомобили во 2022 година. Каде е разликата од 162.621 автомобили? Автомобилите завршуваат во отпад, тоа е нормално, кога ќе дојде време. Но, колку автомобили? Тоа повторно води кон една слика што е позната веднаш штом се излезе од градовите. Брда автомобилски отпад! Отпади насекаде, со автомобили што можеби уште сјаат и личат исто како оној половен луксуз од улица, но за да се стават во возна состојба и да се поправат, потребно е да се потроши повеќе отколку што вреди автомобилот. Затоа преку 150.000 автомобили повеќе не постојат во статистиката.

И тоа е вистината. Додека во нормални средини, каде што водечките политички фигури сигурно не ги поистоветуваат со ќурки или со корнишони, веќе одамна ќе се согледаше локалното масовно и наивно глумење селска аристокрација со автомобилите што пред дваесетина години ги возеле директори и професионалци во Германија или Швајцарија, тука и по деценија и пол не се воведува ограничување за увозот, па нека било тоа и „само“ со цел да се заштитат граѓаните од трошење на автомобили што брзо ќе завршат на отпад.

Тоа е за жал долгиот вовед што е неопходен да се објасни секое самоволие и дилетантизам во овој Апсурдистан.

За темата. Во Македонија во јуни 2024 година биле регистрирани 729 нови возила, од кои 658 се патнички и 71 се лесни товарни возила до 3,5 тони. Растот во споредба со јуни 2023 изнесува 52,7 проценти, односно 108,8 проценти соодветно.

Вкупно во првото полугодие, возниот парк се зголемил со 3.241 патнички автомобили (+36,6%) и 517 фургони и слични доставни возила (+44,4%).

Засега е достапен преглед само по марки – нормално, тоа е неофицијален извор – но во дел се забележуваат големи промени на листата на најпродавани марки

Најпродавани марки патнички автомобили во Македонија во јуни 2024

Шкода: 86 возила
Тојота: 74 возила
Пежо: 58 возила
Рено: 44 возила
Опел: 42 возила

Најпродавани марки доставни автомобили во Македонија во јуни 2024

Фиат: 29 возила
Сангјонг: 8 возила

Наскоро ќе следи и преглед на 10-те најпродавани модели на македонскиот пазар во јуни.

Претходна објаваФиат, Дачиа, Тесла, искористија најмногу од субвенциите во Италија
Следна објаваЗошто возачи на Тесла замотуваат мокра крпа на полнач?

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here