за

Mitsubishi Eclipse Cross во издание на „Црниот Сем“ во Мак Аутостар

mitsubishi eclipse cross black sam
mitsubishi eclipse cross black sam

Во Mitsubishi уште дејствуваат гените од култните спортски автомобили со трите дијаманти во маската. Во салонот на Mitsubishi пристигна уште една моделска изведба во гамата на Eclipse Cross, којашто се води како Black Sam и во основа поседува стилски пакет со спортски нагласок.

Mitsubishi Eclipse Cross несомнено е миленик во делот на СУВ-моделите на македонската сцена. Овој автомобил што прв во компакт класата направи отстапка од традиционалната коцкеста каросерија, досега се појави во најразлични изданија во салонот на Мак Аутостар. Овој СУВ-современик на идејата на купето Eclipse, прв ја донесе на домашнава почва фамозната дијамант-црвена боја на Mitsubishi, потоа продефилира и во неколку „кастом-изданија“, меѓу другото и со натпис на неговото име на хаубата.

Дојде ред за уште едно историско поглавје на моделот. Мајсторите за децентно стилизирање, докажани меѓу другото и кај славните Evo-машини, создадоа стилски пакет за Eclipse Cross. Примерокот што е свежо пристигнат во салонот на Mitsubishi, го поседува токму овој пакет со име Black SAM. Моделот е лесно препознатлив по црните бандажи од 18 инчи со гуми 225/55 и по исто така црната маска.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Понатаму се откриваат и деталите, кои одделно се чинат незабележливи, но сите заедно прават една целина што му дава уште подинамична појава на јапонското СУВ-купе. На краевите на предниот браник се додадени спојлери во црна боја, со црвена лента во нив. Во истиот стил продолжуваат и проширените странични прагови, во кои продолжува црвената линија.

Спортските додатоци добиваат смисла во секој модел на Mitsubishi затоа што се повикуваат на долгата традиција на Mitsubishi во мотоспортот

Назад веќе се случува драма, со издолжениот кровен спојлер и со карактеристичната светлосна лента врз задното стакло. Тука исто така има продолжетоци во долниот спојлер, пак со линија во црвена боја, кои го издолжуваат опашот надолу и прават заоблениот профил да дојде уште повеќе до израз. Надворешната појава на „Црниот Сем“ ја заокружуваат црните куќишта на ретровизорите.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Новини кај салонскиот примерок има и во погонската спрега. Eclipse Cross долго беше достапен единствено со 1,5-литарскиот турбо-бензинец со 163 КС. Тука веќе работи 2,2-литарски дизел со 148 КС, во комбинација со 8-степен автоматски менувач со команди на воланот. Според фабричките податоци, СУВ-купето со овој мотор спринтува од место до темпо сто за 11,4 секунди и постигнува крајна брзина од 193 km/h. Просечната потрошувачка изнесува 6,9 литри, емисијата на СО2 е 183 грами на километар.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Покрај многубројните системи за асистенција што следат како стандард, во новата моделска изведба на Eclipse Cross следи и богата функционална и комфорна опрема. Меѓу позначајните ставки се грејачи во сите седишта, но и греење на воланот и на ветробранот, средишен дисплеј од 7 инчи, поддршка за Apple Carplay, пристап и старт без клуч, проекциски дисплеј, сензорско поле во средишната конзола за ракување со менито, паркинг сензори и 4 камери што создаваат приказ од 360 степени околу возилото.

Како завршница, потсетување на видеото од возачкото искуство на рели-легендата Јута Клајншмит со Mitsubishi Eclipse Cross

Врска до страницата за моделот на Мак Аутостар

https://mitsubishimotors.mk/eclipse-cross/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

smart fortwo vozenje

Италијанскиот пазар на електрични автомобили расте десеткратно

toyota gr yaris

Тркачкиот GR Yaris стартува од 33.000 евра