Зголемениот број на пристигнати нарачки за новата С-Класа наложи враќање на втората работна смена во фабриката на Мерцедес-Бенц во Зинделфинген.
Со отпочнувањето на производството на новата моделска година на С-Класа, на нејзината изведба под знакот на Мајбах и на електричниот Е-Ку-С, во фабриката на Мерцедес-Бенц во Зинделфинген, во близина на Штутгарт, повторно ќе се работи во две смени.
„Во моментов ја подготвуваме логистиката и очекуваме дека ќе можеме да стартуваме во текот на летото“, изјави шефот на работничкиот совет на Мерцедес, Ергун Лимали, на настан за одбележување на почетокот на производството на новите модели.
Втората смена во производството на С-Класата и електричниот пандан Е-Ку-С беше укината во октомври 2024, поради опаднатата побарувачка.
Не се наведува дали ќе се постават и дополнителни работници. За една работна смена во Фактори 56, каде што се врши завршната монтажа на луксузните лимузини, обично се потребни околу 700 работници. Како причина за зголемување на продукцијата се наведува бројот на нарачки што е „над нашите предвидувања“, посочи директорот за производство Михаел Шибе. Кај електричната Е-Ку-С нема промени во бројот на нарачки.
Доаѓаат нови модели на АМГ
Дополнително оптоварување за фабриката доаѓа и од претстојните први електрични модели на АМГ, што ќе се монтираат во посебна хала. Побарувачката за АМГ ГТ со 4 врати, што во минатото лето беше прикажана како шоу-автомобил и чиешто производство треба да започне годинава, била огромна.
„Верувам дека автомобилот ќе постигне голем успех“, изјави Шајбе. Врз истата платформа АМГ.ЕА се планирани уште СУВ и СУВ-купе. Тоа се првите електрични модели што се развиени самостојно во АМГ и не користат основа од модели на Мерцедес-Бенц.
Побарувачката за ГЛЦ и Е-Класата, коишто исто така излегуваат од фабриката во Зинделфинген, останува на високо ниво.

Мерки за скусување на трошоците
Шибе и натаму е резервиран околу бројките. Тешко е да се предвиди како ќе се развива пазарот во Кина, којшто е меѓу најважните за С-Класата. Економската криза ги наведува токму богатите клиенти на воздржаност, додека во исто време, домашните конкуренти напаѓаат во Кина сé посилно во премиум-сегментот со поевтини електрични модели.
Германските фабрики се под притисок и по отпочнатата моделска офанзива на Мерцедес-Бенц. „Мораме да работиме на нашата конкурентност,“ вели Шибе. Трошоците за производство до 2027 година треба да се скусат за 10 проценти од нивото на трошоците во 2024 година. Штедењето во моментов е дојдено до 4 проценти.
Новата лакирница работи со пониски трошоци
Новата лакирница во Зинделфинген ќе работи со значително смалена потрошувачка на струја и вода. Мерцедес-Бенц вложува 900 милиони евра во неа. Почетокот на работата е планиран за 2028 година. За заштедата помагаат и новите технологии, како контрола на квалитетот во внатрешноста со помош на камери.
Продукцијата на Мерцедес-Бенц треба повторно да се качи над 2 милиони возила најдоцна до 2028 или 2029 година. Лани, таа достигна 1,8 милион возила.
Во најголемата офанзива со нови модели во историјата на Мерцедес-Бенц, досега се пуштени С-Класа, Мајбах С-Класа, Е-Ку-Е, потоа ЦЛА и ЦЛА Шутинг Брејк, ГЛБ, ГЛЦ и Ц-Класата, што неодамна имаше премиера во Сеул. Следни нови модели се ГЛА и електрична Е-Класа, на коишто ќе им се придружи и малечка изведба од Г-Класа, исто така со електричен погон.
















