за

Mercedes има многу јубилеи во мотоспортот за одбележување во 2020

Mercedes има многу јубилеи во мотоспортот за одбележување во 2020
Mercedes има многу јубилеи во мотоспортот за одбележување во 2020

Дваесет години откако Бернд Мајлендер е возач на безбедносното возило во Ф1, десет години од новиот старт на Mercedes во Ф1, но и сто години од раѓањето на рели-легендата Валтер Шок. Брз преглед на најважните јубилеи што Mercedes ги има за одбележување годинава.

По значајниот јубилеј на „125 години на Mercedes во мотоспортот“, марката со сребрената ѕвезда годинава има за одбележување уште цела низа важни моменти на тркачките патеки. Меѓу најважните секако е десетгодишнината од враќањето на Mercedes со фабрички тим во формула 1, како активност што претходно беше прекината уште во 1955 година. Блиц-преглед на тие моменти. Дополнително и неколку факти околу ангажманот во кралицата на мотоспортот.

20-годишнина на Бернд Мајлендер како возач на безбедносното возило во Ф1

New item by Automedia MK / Google Photos

Бернд цели две децении е на челото на секоја трка во формула 1, а притоа нема ниту една победа. Неговата работа сепак е да го вози безбедносниот автомобил. Службениот автомобил за 2020 е ист како лани, Mercedes-AMG GT R. Со 318 km/h, тоа е најбрзиот безбедносен автомобил во историјата на формула 1.

25-годишнина на безбедносни и лекарски возила од Mercedes во Ф1

New item by Automedia MK / Google Photos

Оваа традиција постои од 1996 година и се негува со модели од Mercedes-AMG, што посебно се дотерани и опремени за намената. Еден од легендарните модели – и службен автомобил на хер Мајлендер, секако: Mercedes-Benz CL 55 AMG Safety Car (C 215) во 2000-та година.

20 години од првото појавување на безбедосниот автомобил на Mercedes-AMG на трката во Австралија

На 12-ти март 2000 година, Mercedes-AMG ја предводи колоната од 22 возачи, меѓу нив се Мика Хакинен (првак во Ф1 во 1998 и 1999 со McLaren-Mercedes) со McLaren-Mercedes MP4/15, како и Дејвид Култхард (вицешампион во 2001 со McLaren-Mercedes).

Перформансите на безбедносниот автомобил се користат 100%

Кога безбедносниот автомобил излегува на патеката, при незгода или лоши времнски услови, задачата на Бернд Мајлендер воопшто не е лесна. Тој мора да биде колку е можно побрз, за моторите и гумите на болидите да не се изладат премногу. Со посебни инструменти и екрани во кокпитот, Бернд точно гледа кога болидите назад ќе се наместат точно во линија, и тогаш вози колку што држи „а-ем-ге-то“.

Повеќе Ф1-учества и од Барикело

Мајлендер со безбедносниот автомобил до крајот на минатата година учествувал на 368 трки за голема награда. Тоа е повеќе дури и од Рубенс Барикело, рекордер меѓу возачите, кој во својата кариера (од 1993 до 2011) стартувал на 323 трки во Ф1.

Серија моќници, од CL 55 AMG до AMG GT R

New item by Automedia MK / Google Photos

Од стартот во 2000 година, како безбедносни возила во Ф1 се користеле:

Mercedes-Benz CL 55 AMG (C 215, 2000)

SL 55 AMG (R 230, 2001 до 2002)

CLK 55 AMG (C 209, 2003)

SLK 55 AMG (R 171, 2004 до 2005)

CLK 63 AMG (C 209, 2006 до 2007)

SL 63 AMG (R 230, 2008 до 2009)

SLS AMG (C 197, 2012 до 2014)

AMG GT S (C 190, 2015 до 2017)

AMG GT R (C 190, од 2018).

Сите овие возила се чуваат во колекцијата на Mercedes-Benz Classic.

10 години од враќањето на Mercedes со фабрички тим во Ф1

New item by Automedia MK / Google Photos

Пред 10 години, на 14-ти март, првпат по 1955 година стартуваше фабрички тим на Mercedes во формула 1. Тимот ја возеше својата прва трка за Големата Награда на Бахреин. Михаел Шумахер беше шести, Нико Розберг петти ја мина целната линија. До првата победа беа потребни две години. На 15-ти април 2012, Нико победи со фабрички болид на Mercedes во Ф1, првпат по 1955 година. Оттогаш тимот Mercedes-AMG Petronas победи на 93 трки и шестпати едноподруго ја освои шампионската титула во конкуренција на возачи и конструктори од 2014 до 2019 година.

100 години од раѓањето на Валтер Шок

Mercedes-Benz Classic на 3-ти април одбележува еден век од раѓањето на рели возачот Валтер Шок. По школувањето, тој почнува обука за механичар во Mercedes во родниот Штутгарт, по што е примен во одделението за тестирање. Шок има само 17 години, но смее да полага за возачка дозвола и работи извесно време како тест возач. Мотоспортот му е во крвта. Почнува војната и Валтер Шок е ангажиран како пилот.

New item by Automedia MK / Google Photos
Со Mercedes W 180 на Рели Монте Карло во 1955 година

По војната, Валтер постигнува голем успех како рели возач. На релито Солитуде во 1954 година, тој првпат стартува со Mercedes-Benz 220 (W 180) и освојува златен медал. Во следната година се вози релито Монте Карло, кадешто младиот возач е трет во генерален пласман. Заедно со совозачот Мол, Шок го освојува првенството во рели во туристичката класа во 1956 и во 1960 година. Во 1956 година тој станува и светски првак во рели.

Патна чанта во серија од 125 примероци во чест на спортските успеси

Во продавницата на музејот на Mercedes е достапна специјалната патна чанта, што е изработена во 125 примероци, во чест на „125 години мотоспорт“ на марката. Станува збор за рачна изработка, со класичен дизајн. Соодветно на тоа, и цената изнесува 690 евра.

Врска до продавницата на музејот на Mercedes Classic:

https://www.mercedes-benz-classic-store.com/en/detail/index/sArticle/1763/sCategory/55

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

gemballa avalanche 4x4

Тјунерска работилница ќе изработува теренец од Porsche 911

ford focus iv saarluis start

Ford произведува во само една смена поради корона