Мерцедес-Бенц лансираше нов виртуелен асистент на саемот за потрошувачка електроника ЦЕС во Лас Вегас. Тој е способен да даде предлози за одредена задача и да се впушти во разговор со патниците.
Уште еден чекор напред за вештачката интелигенција во автомобилите. Новиот асистент на Мерцедес може да зборува со различен тон соодветно на моменталните емоции и да поставува интелигентни прашања, за да може точно да утврди што се бара од него.
„Автомобилот е вашиот партнер за дијалог. Можете да поставувате прашања, да водите разговор, да бидете продуктивни“, објасни главниот технолог на Мерцедес, Маркус Шефер, на средбата со новинарите во Лас Вегас.
Асистентот ќе се воведува во возилата, вклучувајќи го и новиот ЦЛА Концепт, којшто е најава за идниот целосно електричен модел од компакт класата, што на саемот ЦЕС првпат се појавува на северноамериканскиот пазар.
Бидејќи хардверот кај електричните возила е поедноставен и помалку е варијабилен отколку кај автомобилите со мотори со внатрешно согорување, производителите на автомобили бараат начин да се издвојат со софтверот што го вградуваат во своите модели.
Технологијата на гласовните асистенти во автомобилите станува сé пософистицирана, почнувајќи од персонализирани аватари, до генеративна технологија на вештачка интелигенција.
The #ConceptCLAClass features the all-new #MBUX Virtual Assistant, which uses advanced software combined with generative AI for an even more natural and intuitive in-car experience. #MercedesBenz #CES2024 pic.twitter.com/cNLH0Ya8ci
— Mercedes-Benz USAㅤ (@MercedesBenzUSA) January 9, 2024
Концернот Фолксваген во понеделникот ги претстави своите први возила што располагаат со гласовен асистент со интегрирана технологија на Чет ГПТ. Со неа се овозможува на возачите да им се чита најдената содржина што ја бараат, додека тие возат.
Посебна одлика на новиот гласовен асистент на Мерцедес е проверката на веродостојноста на одговорите што тој ги дава. На пример, ако саканиот ресторан во близина е затворен, системот ќе ги спореди препораките за другите ресторани со податоците што се впишани во податочен облак, а ќе ги чита и оцените на корисниците. На тој начин ќе се најде соодветно решение.
„Чувствуваме обврска, ако нешто ставиме во автомобилот, да може да се верува во таа информација,“ кажува Шефер.
















