за

Mercedes-Maybach во ноќно издание

Maybach има новина во понудата, пакет именуван Night Series, којшто додава темен изглед во комбинација со ексклузивни детали внатре и надвор.

Mercedes-Maybach на посебен настан во Њујорк премиерно ја прикажа новата опција што е достапна за сите модели од понудата: Пакет Night Series.

Одлика на Night Series се темните хромирани елементи и површини, коишто прават возилото да изгледа како скапоцен камен. Mercedes-Benz Group има цел со посебниот пристап што отстапува од традицијата, да привлече нова група купувачи во својата ексклузивна марка Maybach.

Стратезите на марката го водат новиот пристап под „Flashes of Unorthodoxy“ и со таа идеја нудат различен изглед во внатрешноста и надворешноста на трите модели на Maybach: Во EQS 680 SUV, првиот електричен модел на Mercedes-Maybach, но и модел што е дизајниран од Славче Таневски, потоа во S-Class и во GLS.

Премиерата на новата опција се одржa во приватна резиденција во Гринвич Вилиџ, историски дел на Њујорк. Вакви настани со ексклузивен карактер и избрани гости ќе бидат редовна активност на Mercedes, откако германската куќа најави уште поголема ексклузивност за своите возила и за настаните поврзани со истите.

Покрај елементите во темен хром, одлика на Night Series се деталите во боја на розево злато и посебниот дизајн на тркалата, како и шарата во форма на рибина коска во внатрешноста. По седнувањето во возилото, на дисплејот се покажува анимација под мотото „Black labels and backlights“.

Секој од трите Maybach-модели има различен пристап во толкувањето на идејата на Night Series

Светлата на EQS SUV, на пример, го прикажуваат амблемот на Maybach на розево златна подлога, а самите светла се облагородени со темен хром. Тоа е само еден од десетиците зафати што се својствени за електричниот СУВ во оваа изведба.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Mercedes-Maybach (@mercedesmaybach)

Кај S‑Class се постигнува дополнителна ексклузивност со двобојната каросерија во комбинација од оникс-црна и мохаве-сребрена боја. Светлата исто така имаат посебен печат, слично на EQS SUV. Внатрешноста е преработена во речиси секој детал, со посебен избор од материјали, бои и обработка.

Во случај на GLS, пакетот Night Series прави целиот нос на лускузниот СУВ да биде облагороден со темен хром, вклучувајќи ја и самата трикрака ѕвезда. Тркалата од 23 инчи се дел од пакетот.

Maybach најавува дека наскоро ќе претстави и серија „аксесоари“ што е инспирирана од Night Series, односно тоа ќе бидат очила, патики и ташни. Многу скапи.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Малечко, но со големо влијание: Специјална серија од Citroen Мy Ami Buggy

Кинески BYD ги мерка Германија, Франција и Шпанија за својата европска фабрика