за

„G“ достоинствен со AMG-V8 во салонот на Mercedes

Покрај автомобили како овој црн „G“, ќе оди малку потешко отсакувањето на класичните мотори. Всушност, сега веројатно почнуваме вистински да ги сакаме овие автомобили.

Кога на машините од рангот на Mercedes-AMG G 63 и слични „Ach-Mein-Gott“ творевини ќе им дојде време по неколку години првпат да се сменат плочките на сопирачките, веројатно половината од автомобилите околу нив по улиците на Штутгарт или Берлин воопшто нема да имаат издувна цевка. Но, овој „Гелендеваген“ пак ќе биде прв што ќе го привлекува вниманието. G 63 ќе биде достоинственик и во ерата на електромобилноста. Еден ексклузивен примерок кусо престојуваше во салонот на Мак Аутостар.

Кој уште не го познава „G“. Производителите на автомобили некогаш користат сложени и грижливо смислени имиња за своите знаменосци. Има и спротивни примери. Или екстремни примери, на пример „G“. Не постои друг модел што се идентификува само со една буква. Можеби „S“. Секој што барем малку се интересира за автомобилската сцена, знае дека тоа е Mercedes G-Klasse, со G изведено од Geländewagen, односно од германската кованица за теренско возило.

Во ерата кога аеродинамичноста во најголема мера го одредува изгледот на автомобилите, не постои друг автомобил со толку лесно препознатлива силуета како G-Wagen. Дури и каросериските детали се единствени. Тркалезните светла се обележје на овој култен модел, исто како и трепкачите поставени врз крилата, или војнички строго-функционално дизајнираните задни светла. Уште повпечатливи се хаубата што буквално е легната врз крилата, исправениот и рамен ветробран, трите прозорци со совршено едноставна форма, рабовите по должината на каросеријата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Потоа почнуваат „специјалитетите“. Кај салонкиот примерок, тоа прво се тркалата, по екстра-нарачка. Пречникот на кованите тркала е 22 инчи или нешто помалку од 60 сантиметри, лакирани се мат, а „рогот“, односно делот што практично ја држи гумата,  обработен е посебно на глодалка и потоа е полиран до висок сјај. Нивната комплетна димензија е 10J x 22 ET 36, гумите се 295/40 R 22 112W, фабрикат Pirelli Zero Scorpion Asimmetrico. Во германскиот ценовник, сетот вреди околу 4.343,50 евра.

Кај Mercedes и црната боја има повеќе нијанси, вклучувајќи и екслузивна магно-црна: Магно како „меџик“

Oвој екслузивен G 63, фатен на еден ден пред испорака во салонот на Мак Аутостар, дополнително на стандардниот арсенал располага со ноќен пакет – каросериски додатоци и детали во сјајна црна боја, но целата драма во изгледот секако дека доаѓа од посебната црна боја. Кај Mercedes и тоа го има, црна и магно-црна, којашто е во ексклузивна понуда на G Manufaktur, одделението за специјални нарачки. Практично сé што се гледа на овaa AMG-благородничка е опција. Тоа важи и за Multibeam-LED светлата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Внатрешноста не заостанува со посебниот печат што ѝ го дал идниот сопственик. Дел од воланот е обложен со дрво во пијано сјаен финиш, исто и украсните панели во кокпитот се во пијано финиш, а на воланот се забележуваат и посебните AMG-копчиња за брз пристап до функциите што се однесуваат на возната динамика – вклучувајќи и копче за активирање на полниот звук од издувот. Внатрешноста е изведена во ексклузивна верзија, вредна над 4.500 евра, вклучувајќи веројатно две дузини ставки што влегуваат во составот на пакетот. Исто како сé што се гледа во надворешноста е опција, така и во внатрешноста секој детал е по избор на сопственикот. Тоа што посебно импресионира е деталното „пакување“ на возилото, што е уште еден знак дека станува збор за возило излезено практично од мануфактура.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во поглед на погонската механика, тоа е апсолутниот врв во G-Class: Мотор V8 со битурбо натполнење, работна зафатнина 4,0 литри, моќност 585 КС, вртежен момент 850 њутнметри, деветстепен автоматски менувак, спринт за 4,5 секунди. Со полно оптоварување од 640 килограми, G 63 AMG тежи 3,2 тони. Ако треба да се влече и приколка, тогаш фабриката дозволува до 3,5 тони. Речиси без граници, овој автомобил. Секако дека G 63 AMG е пред сé „G“, што значи дека ниту теренот не му претставува пречка.

— — — 

Го имате посетено https://avtosalon.mk/, нашиот онлајн-каталог со податоци и информации за сите нови модели на патнички автомобили што се нудат на македонскиот пазар? На следниот линк можете да ги погледнете сите модели на Mercedes-Benz што Мак Аутостар ги има во понуда на нашиот пазар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Кризата со чипови ќе потрае уште неколку години

Hella работи на нови светла што ќе прикажуваат текстови и знаци