за

Hella работи на нови светла што ќе прикажуваат текстови и знаци

Помалку простор, пониска потрошувачка, повеќе слобода за дизајнерите. Светлата се сменија многу, специјалистот Hella најавува уште промени, посебно кај задните светла.

Светлата се важни за возењето да биде безбедно. Тоа уште е главната задача на светлата, но тие во последните години добиваат и дополнителни задачи и функции.

Динамичните трепкачи се само еден од бројните трендови во техниката на светлата. Луѓето ги бараат, производителите денес ги нудат дури и во компакт класата. Германскиот производител Hella е добро познато име на сцената на светлата. Оттаму најавуваат многу новини што ќе ги израдуваат љубителите на „разиграните“ светла.

„За да се овозможат посложени анимации, графики, а во иднина и текстови, за возилата да комуницираат со средината, неопходно е да се продолжи со зголемувањето на сегментацијата на задните светла“, открива др. Франк Хубер, директор за светла во Hella.

Новината претставува усовршување на технологијата Digital FlatLight, којашто се применува кај светлата за сигнализација. Со интегрирање на дисплеј SmartGlass во технологијата, FlatLight прераснаа во дигитални светла. Светлечките сегменти кај овие светла се многу поситни и тоа ќе овозможи уште поголема индивидуализација на графиката на светлата, како и воведување нови функции.

Hella во почетокот на годинава ја претстави технологијата FlatLight / µMX. Тоа е иновативен концепт на оптички влакна, со примена на микрооптички елементи што овозможуваат хомогено осветлување. Друга предност е малата длабочина за вградување од само 5 милиметри. Потрошувачката на енергија е ниска, голема е слободата за дизајнирање. На површината на светлата може да се постават најразлични маски.

Тоа е технологијата што сега се користи во Digital FlatLight. Со примена на дисплеи SmartGlass, значително е зголемена функционалноста. Кај прототипите што беа прикажани на салонот ИАА во Минхен во септември, SmartGlass се состои од 44 триаглести сегменти. Софтвер ги регулира овие сегменти и прави тие да се вклучуваат или да светат со различен интензитет. За разлика од класичните дисплеи, тука може освен врз големината и бројот да се влијае и врз формата на одделните сегменти. Производителите на автомобили што ќе ги нарачуваат овие светла од Hella, ќе можат преку посебен софтвер да креираат, на пример,  посебен дизајн за секое  ниво на опрема на одреден модел.

Уште едно обележје на Digital FlatLight е тоа што кога возилото е паркирано, светлата изгледаат како црни панели. Во Hella веќе тестираат испишување текстови и знаци врз светлата. Паралелно се работи и на нови светла со уште побројни сегменти, односно на светлата практично им се зголемува „резолуцијата“, исто како што се случува кај ТВ-уредите и мониторите, а секако и кај мобилните телефони.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

„G“ достоинствен со AMG-V8 во салонот на Mercedes

Volkswagen Caddy постигна 5 ѕвезди на тестот на Euro NCAP