за

Електричен Mercedes eActros мина 50.000 тест-километри

Педесет илјади километри се во рамките на толеранцијата во логистиката. Оваа километража сепак е важна за електричниот Mercedes eActros, кој од 2019 година се тестира во секојдневни услови на работа кај шпедитер во Шварцвалд. Камионот со погон на струја уште годинава влегува во сериско производство.

Камион со чисто електричен погон Mercedes-Benz eActros од јуни 2019 година се тестира во секојдневни услови на работа кај шпедитерот Logistik Schmitt. Компанијата од Шварцвалд досега мина 50.000 километри со камионот на батерија и извозе 5.000 тури со вкупно 100.000 единечни товари. Вкупниот превезен товар изнесува околу 30.000 тони. Електричниот Actros докажа дека погонот на струја е сосем „дораснат“ за обичните дизел мотори и во делот на логистиката.

Прототипи на Mercedes eActros уште во 2018 година почнаа да се тестираат кај неколку познати компании. Производителот планира да го стартува моделот во сериско производство уште во текот на годинава.

Во Германија привршува уште еден проект со електрификација на „тешкиот“ транспорт. Тој се води под името eWayBW и се состои во тоа што електричните камиони ќе црпат енергија за погонските електромотори директно од високонапонски вод над патот, со помош на трола, слично како кај градските тролејбуси. Проектот се реализира на делница од патот B462 во вкупна должина од 18 километри, со две секции долги по 4 километри, над коишто се поставени електричните водови за напојување на камионите кои таму ќе се тестираат од страна на повеќе партнери во проектот.

Mercedes eActros на шпедитерот од Шварцвалд неодамна почна да вози и по оваа рута B462. Неговото тестирање по дополнителната рута ќе служи за споредба меѓу двата концепти – чисто електричен погон со користење исклучиво на енергијата во батеријата против електричен погон со дополнително „влечење“ струја од високонапонскиот вод, преку трола.

Од јануари, Mercedes eActros минува секој ден меѓу 250 и 300 километри, што е околу 100 километри повеќе отколку пред вклучувањето на рутата по B462. Порасна и натовареноста. Електричниот камион претходно се товареше со околу 4 тони. Товарот сега е зголемен неколкукратно.

Шпедитерот Logistik Schmitt ќе добие усовршена верзија на eAcstros во текот на летото. Mercedes има конкретни планови со камионите на струја. Како што веќе објавивме, во 2024 година ќе биде понуден чисто електричен камион eActros LongHaul со екстра-голема батерија, што ќе минува долги релации исто како камионите што користат дизел. По 2025 година, следи уште еден радикален чекор – камион на Mercedes со погон на водород. Тоа исто така е веќе најавено од страна на камионскиот огранок со трикраката ѕвезда.

Mercedes eActros во служба на шпедитерот Logistik Schmitt секој ден прави по шест тури долги по 14 километри, од седиштето во Етигхајм до фабриката на Mercedes во Раштат, а дополнително вози и по шест тури долги 28 километри од Етигхајм до фабриката на Mercedes во Гагенау, преку B462. Тоа се вкупно дванаесет тури дневно, во три смени. Вкупната должина на дневната релација изнесува до 300 километри.

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

РСБСП советува да се користи детско седиште

Десет модели на BMW со хибриден погон во понуда во Македонија