Само една Мерцедес Е-Класа беше посилна од Е 50 АМГ, шестлитарската Е 60 АМГ

По цената на Е 60 АМГ можеше да се купи „тешка“ С-Класа, но тоа немаше да биде толку ексклузивно. Тогаш и АМГ беше независна компанија од Мерцедес-Бенц.

Мерцедес-Бенц Е 60 АМГ е веројатно најмалку познатата Е-Класа. Во музејот на марката е изложен примерок од моделот што АМГ го изработуваше по нарачка, врз база на Е 50 АМГ, со опцијата Техникпакет 957.

Колку беше посебна Е 60 АМГ, најдобро зборува фактот што по цената што требаше да се плати за оваа лимузина од генерацијата В 210, можеше да се добие најлуксузна С-Класа. Во 1996 година, како основа за овој модел послужи Е 50 АМГ. Инженерите на АМГ во Афалтербах ја зголемија работната зафатнина на моторот Ве-8 на 5.956 сантиметри кубни и извлекоа 381 КС, покрај вртежен момент од 580 њутнметри. Со зголемената работна зафатнина се добија екстра 34 КС и 100 њутнметри во споредба со Е 50.

Спринтот во споредба со „основниот“ модел се подобри за 3 десетинки, на Е 60 АМГ ѝ беа потребни само 5,9 секунди до темпо сто. Брзиномерот брои до темпо 280, меѓутоа брзината уште во тоа време беше џентлемнски ограничена на 250.

Никој точно не знае колку примероци се изработени од Е 60 АМГ, затоа што автомобилот во основа беше Е 50 АМГ со доплата за т.н. Техникпакет 957. Претпоставка е дека станува збор за помалку од 200 примероци.

Во тоа време, АМГ уште беше само партнер на Дајмлер АГ. Дури две години подоцна, Штутгарт презеде 51 проценти удел во акциите на АМГ. Од јануари 2005 година, оваа ковачница на скапи и брзи автомобили е целосно во сопственост на Дајмлер АГ, како Мерцедес-АМГ.

Што содржеше фамозниот Техникпакет 957

АМГ-Техникпакет, со ознака 957 во ценовникот на тогашната Е-Класа, е волшебниот избор за Е 50 да се претвори во Е 60. Со зголемената моќност следеше и посебно нагодено спортско подвозје од АМГ, покус преносен однос во диференцијалот (1:2,82), специјални предни сопирачки изработени во АМГ и задни сопирачки од СЛ 600.

Како резултат од тоа, Е 60 забрзуваше уште побурно, без разлика од која брзина, благодарение на масивниот вртежен момент.

Каросеријата од Мерцедес, сé друго монтирано рачно

Каросериите доаѓаа од Мерцедес, а целата монтажа понатаму се одвиваше рачно. Моторот, менувачот, погонските оски, сé се вградуваше со занаетчиско внимание. Тркалата од 18 инчи секако дека беа сопствен производ на АМГ, заедно со ненападен кит спојлери и со трикрака ѕвезда во црна боја, место сребрена ѕвезда над маската. Темните натписи веќе неколку години се тренд во браншата. АМГ го правеше тоа пред три децении. Однадвор мали промени, но сосем различен свет внатре.

Во кокпитот се препознава рачна работа. Најскапа кожа, алкантара по вратите и во средината на седиштата, украсно дрво, посебни плоќчки на праговите и дебели теписи – на секој дел има печат на моделот. На клапна во средишната конзола се наоѓа потписот на Ханс Вернер Ауфрехт, таткото на АМГ. Дури и на рачката на менувачот стои лого АМГ. Воланот на АМГ има пречник од 39 сантиметри. Во возење може да се избира дали да се слуша музика од звучници Боус или Ве-8 крешендо од моторот, дополнително засилена со спортскиот издув.

Е-Класа со цена на С-Класа

Кога во 1997 година ќе се избереше опцијата за Техникпакет 957, тоа чинеше 148.350 дојчмарки за Е 50 АМГ, плус уште околу 50.000 дојчмарки за пакетот. На крајот се добиваше цена од 198.350 дојчмарки. За споредба, долга С 600 од генерацијата В 140, со мотор Ве-12, тогаш чинеше 210.220 дојчмарки. Претворено во денешни пари, тоа се преку 160.000 евра.

Ексклузивноста на Е 60 АМГ е што однадвор само малку се насетува дека тоа е специјална изведба од Е 50, што и самиот е исклучителен. Во 1997 година, Е 60 АМГ беше и службен автомобил на лекарскиот тим во Ф1, заедно со Ц 36 АМГ.

Претходна објаваНисан ќе им плати на Би Уај Ди за ЦО2-кредити, за да избегне казни од ЕУ
Следна објаваКинескиот производител на батерии КАТЛ со профит зголемен за 41 проценти

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here