за

Новиот Mercedes C-Class стандардно доаѓа со изобилство од опрема

Во серијата објави со којашто го претставуваме еден од најважните модели на Mercedes на македонскиот пазар следи целосен преглед на опремата со којашто секој C-Class излегува од фабрика.

Поимите конфигурирање, индивидуализација, опции, кои се одомаќени општо на автомобилската сцена, порано беа привилегија на Mercedes. Тоа важи и денес, но сменети се ставките. Место доплата за десен ретровизор или електрична антена, денес се доплаќа за многу пософистицирана опрема. Бројни ставки станаа стандардна опрема. Новиот Mercedes C-Class доаѓа со побогата стандардна опрема од која било генерација досега.

Една малечка брошура со темносина боја, со формат А6, порано беше своевидна библија за секој купувач на Mercedes. Во тоа непроценливо важно четиво, што беше неразделно од мирлизливите и скапо печатени проспекти на Mercedes, се наоѓаа неверојатно многу податоци и информации, германски вешто спакувани во компактен формат. Преку таа „Preisliste“, сцената уште тогаш беше свесна дека не може да постојат два исти автомобили Mercedes.

Фамозниот ценовник на Mercedes го задржа стилот до денес, со истата симболика. Полн круг или празен круг, цртичка, буква S. Така се дознава дали за одредена ставка опрема се доплаќа, дали таа е поврзана со доплата за други опции, дали можеби не е достапна за одредената моделска изведба или мотор, или дали се вградува стандардно. Официјалниот ценовник за германскиот пазар и натаму е дебел колку збирка поезија. Конкретно за новиот Mercedes C-Class од генерацијата W 206, ценовникот содржи 74 страници, но е најмалку четирикратно пообемен во споредба со оној од времето на W124 и слични, затоа што се печати во формат A4.

Што сé содржи новиот Mercedes C-Class како стандардна опрема

Секако дека изгледот е важен кај Mercedes, особено елементите што го оддаваат престижот на автомобилот. Во стандардната опрема се опфатени алу-тркала од 17 инчи, со драстично сменет дизајн, за што секако дека постои причина. Дизајнот на тркалата е дел од беспрекорно проектираната аеродинамичност, затоа и нивниот изглед се разликува кај новиот C-Class. Нормално дека со секој мотор оди различна димензија на гумите и на тркалата: C 180 доаѓа со комбинација од гуми 195/60 R 17 на тркала 6,5 J x 17 ET 34,5, кај C 200 и C 220 d се користи комбинација 205/55 R 17 и 7 J x 17 ET 34,5, додека сите останати моделски изведби располагаат со гуми 225/50 R 17 и тркала 7 J x 17 ET 44,5.

Диодна техника за сите функции на предните светла исто така е стандард. Хромираната лајсна во задниот поклопец дава доза на престиж. Но, не се сведува сé само на изгледот. C-Class стандардно поседува и подвозје Agility Control, што е спуштено за 15 милиметри и располага со амортизери што реагираат различно на различни видови нерамнини на подлогата и на различните услови на возење. На тој начин се нагласува спортската нота во возните својства.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Доколку не се избере некоја од бројните опции, седиштата се обложени со црн штоф со сиви штепови. Мултифункциски спортски волан што е обложен со кожа исто така повеќе не е на списокот на ставки за коишто треба да се доплати во Mercedes. Место класични инструменти, пред возачот е самостоен LCD-дисплеј од 26 сантиметри (10,25 инчи) со резолуција 1440 х 540 точки. Средишниот дисплеј во стандардната изведба има пречник од 24 сантиметри (9,5 инчи), поставен е исправено и завртен е за шест степени кон возачот, заради поспортско чувство.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Мултимедиски систем MBUX, со фамозното „Хеј, Мерцедес“, следи стандардно. Арматурната табла е во црна боја, украсните панели во вратите се во сјајна црна боја, таванот е во кристал-сива боја. Масивната средишна конзола, во делот под дисплејот, стандардно има црн сјаен финиш, убаво облагородувајќи ја средината.

Брава за стартување на моторот не постои во C-Class, секако дека таа е заменета со копче за старт, односно Keyless-GoStart. Сензор за дожд препознава кога врне и соодветно го приспособува интервалот на бришење, така што и во тој поглед возачот е ослободен од „работа“. Обемот на директно или индиректно осветлување на кокпитот е значително зголемен во споредба со претходната C-Class. Во пакетот ставки што се вградуваат стандардно во лимузината и комбито од средната класа на Mercedes спаѓаат и велурните патосници.

Автоматски клима уред се вградува стандардно, но за две зони мора да се доплати

Стандардниот клима уред Thermatic работи во една зона и автоматски ги приспособува температурата, количината на воздух и распределбата на воздух според местењето. За двоен држач за чаша и прегради во кабината и во багажникот не се доплаќа.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Прв од системите за асистенција, кои се домен на Mercedes, во C-Class е самостојното запирање при опасност од судир, како и при опасност од удар во пешак или велосипедист во движење. Истото важи и при опасност од судир со возило што доаѓа отспротива, ако на истото му се пресече пат при скршнување влево. Во системот за сопирање уште претходно се произведува полн притисок на сопирање, за кога возачот ќе притисне врз сопирачката, C-Class да може да реагира за миг.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Придонес за безбедноста дава и активниот систем за задржување во лента, кој при опасност од преоѓање во соседната лента презема зафат во управувањето и го враќа возилото во лента. Доколку возачот и покрај тоа продолжи во соседната лента, дополнително се создаваат предупредувачки вибрации во воланот. Темпоматот се вградува стандардно.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Новина во Mercedes C-Class е средишната воздушна перница меѓу предните седишта. Нејзината функција е при страничен судир да спречи меѓусебно удирање на телата на возачот и совозачот. Перницата е вградена отстрана во возачкото седиште.

Деветстепениот автоматик исто може да се брои како стандард, имајќи предвид дека мануелен менувач воопшто не се вградува во новиот C-Class. Тоа е резултат на (не)побарувачката. Потврда за тоа доаѓа и од македонскиот увозник Мак Аутостар, од каде што со години наназад не е испорачан Mercedes со мануелен менувач.

Во согласност со спортскиот карактер на новиот модел е можноста да се избере режим на возење преку Dynamic Select. Работата на погонот, подвозјето и управувањето може да се менува соодветно на расположението на возачот или видот на патот, од спортски режим, преку комфорна програма, до посебно штедлив режим.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Со новиот 308: Два од секои три модели на Peugeot ќе возат на струја

Забавувањето на авто пазарот ги погодува и производителите на чипови

Поради недостиг од чипови ќе се произведат пет милиони возила помалку