Електричната луксузна лимузина Е-Ку-С доживеа темелна преработка во духот на прославата на 140-годишнината на Мерцедес-Бенц. Повеќе од една четвртина од компонентите на знаменосецот што е долг преку 5 метри се сменети или се преработени.
Промените се направени со цел да се подобри ефикасноста, да се воведе нов софтвер и понатаму да се подигне технолошкото ниво на автомобилот, што го претставува врвот во понудата од електрични модели на Мерцедес-Бенц.
Многу промени во изгледот
Најмногу забелешки околу технолошкиот пулен на Штутгарт имаше околу изгледот. Со фејслифтот нема промени во страничната силуета што ја сочинува еден лак и една рамна линија долу. Тоа што сега го направија дизајнерите, треба да оддава поверно дека станува збор за модел од висока класа. Се забележува целосно новиот нос, со исправена и осветлена ѕвезда на Мерцедес, и со маска, зависно од изведбата на моделот.
Формата секако дека има функција, затоа што Е-Ку-С со коефициентот 0,20 и натаму се вбројува меѓу најаеродинамичните автомобили што постојат. Пак се извршени зафати, на пример во ретровизорите и во насочувањето на воздухот, за натамошно оптимирање на аеродинамичноста. Тоа се одразува позитивно врз потрошувачката, досегот и бучноста при возење.
Забелешките зафаќаа и во внатрешноста, во поглед на впечатокот за квалитет, што е одлика на марката. Мерцедес-Бенц презеде зафати и во тој поглед. Ексклузивноста на Е-Ку-С е нагласена со нови материјали и со избор на опции за облагородување на средината. Понудени се украсни панели од вистинско дрво, со отворени пори, а напа-кожата се користи во поголем обем, вклучувајќи ги дизајнерските белези од С-Класата, како штепувањето на седиштата со шара во форма на лорберов лист. Првпат се нуди и избор на кабина во којашто воопшто не се користи природна кожа.

Грејачи во безбедносните ремени
Комфорот е на домашна територија во Мерцедес-Бенц. Меѓу комфорните функции на новиот Е-Ку-С спаѓаат грејачи во безбедносните ремени, како и делотворен ХЕПА-филтер за пречистување на водухот. Бидејќи Е-Ку-С ќе биде и директорска лимузина со шофер, важни промени се направени и на задните седишта. Таму се добиваат најновите системи за инфо-забава, но и за користење на просторот како подвижна канцеларија.
Нови опции во дополнителната опрема
Со моделското освежување, Е-Ку-С доби и неколку технички иновации, од коишто голем дел првпат се користат во сериско производство. Тоа важи посебно за воведувањето на стир-бај-вајер, односно за управување, во коешто воланот нема механичка врска со тркалата, туку се пренесува електричен импулс. На тој начин, управувањето може да се приспособува според условите на возење, а се исклучува и секакво пренесување вибрации до воланот. По желба, Е-Ку-С може да се опреми и со јарем.
Уште една новина се усовршените дигитални светла со микро светлечки диоди. Тие нудат повисока резолуција, поширока осветлена површина, но и смалена потрошувачка на струја.

Одушевува новата генерација на пневматска суспензија, што врз основа на информации од податочен облак предвреме ги осознава нерамнините на патот и соодветно ја подготвува амортизацијата. На тоа се надоврзува и збогатен арсенал од системи за асистенција, со посилни компјутери и побудни сензори.
Голема новина е воведувањето на МБ.ОС, сопствен оперативен систем на Мерцедес-Бенц. Станува збор за единствен софтвер, што раководи со сите функции на возилото од едно место. Податоците ги обработува исклучително моќен компјутер. Овој вид на соработка меѓу софтверот и хардверот првпат е применет во Мерцедес-Бенц во новата генерација на ЦЛА.
Новата генерација на МБУКС исто така користи придобивки од новиот софтвер. Хајперскринот во кокпитот се состои од три екрани, што се под заедничко стакло. Ракувањето е поедноставено, со тоа што главните функции се веднаш на досег, без потреба да се влегува во менито. Вештачка интелигенција избира кои функции да се прикажуваат први, зависно од условите на возење. Со виртуелниот асистент може да се зборува како со човек. Системот постојано добива нови информации и вчитува апдејти. Навигацијата ги зема предвид станиците за полнење што се достапни по пат.

Огромен напредок во новата батериска техника
Најголемиот напредок кај Е-Ку-С сепак е постигнат во батеријата. Без таа да се зголемува, капацитетот е зголемен од 108 на 118, односно 122 кВч. Тоа е постигнато со промени во хемијата на ќелиите, во коишто се користи силициумов оксид за анодата. На тој начин е зголемена енергетската густина. Се користи и помалку кобалт.
Батеријата премина од 400-волтен на 800-волтен напон, што годи, и за штедливоста и за перформансите. Повисокиот напон овозможи користење потенки кабли. Е-Ку-С отсега може да ја оддава енергијата во батеријата надворешно, на пример, кон домот и потрошувачите во домаќинството, или пак во дистрибутивната мрежа, што носи и заработка.
По сите зафати во аеродинамичноста, ефикасноста на погонот и во батеријата, значително е продолжен досегот. Е-Ку-С 450+ сега минува до 926 километри со едно полнење, место 821 километри. Тоа е врв во браншата.

Се скуси и полнењето, со преоѓањето на 800 волти, така што сега може да се полни со моќност до 350 киловати. Во идеални услови, за 10 минути се полни енергија за 320 километри.
Посебност на Е-Ку-С е начинот на којшто полнењето се приспособува за 400-волтни полначи. За таа цел, батеријата е поделена на два дела, што може да се полнат паралелно, за тоа да трае покусо дури и на полначи со пониска моќност.
Погонските единици се целосно сменети. Тие се помали, поефикасни и посилни. Посебен напредок е постигнат во рекуперацијата, каде што се можни до 385 киловати. Забавувањето почесто може да се препушти само на рекуперацијата, без потреба да се притиска сопирачката.
Првват се користи двостепен менувач на задната оска. Покусиот пренос е добар за посилно забрзување, додека подолгиот преносен однос е добар за штедливост при возење по автопат. Моделите со погон на сите тркала сега располагаат со можност погонот на предната оска да се вклучува само по потреба.
Гамата на електричниот Е-Ку-С стартува од 94.403 евра во Германија, односно од 79.330 евра со придобивките што ги користат фирми.
















