Mercedes-Benz ги владее сите видови возила: Citan Tourer во Мак Аутостар

Моделите како Mercedes-Benz Citan се покажаа поотпорни на промените на времето и од некои модели, за коишто до пред само некоја година ќе беше вистинска шега, да се каже дека тие наскоро ќе исчезнат од сцената. Па така се случи, сцената да ги изгуби големите лимузински имиња од ковот на Ford Mondeo или Opel Insignia, но затоа е сé по старо кај моделите како Citan, Kangoo, Doblo, Berlingo или Partner.

Толку е сé останато по старо, што и по близу три децении откако светот ги доби првите модели од овој вид, а тоа е славното трио Peugeot Partner, Citroen Berlingo и Renault Kangoo од средината на 1990-те години, овој вид возила уште нема име. Додека теренците што само личат како теренци денес се водат јасно под ознаката СУВ, а тоа што е на половина пат до СУВ, не е друго освен кросовер, категоријата на возилата како Citan, главно е уште без име.

Некој ги води како МПВ, што произлегува од мултинаменско возило (multi purpose vehicle), друг ги води како комби-модел со повишен покрив. „Проблемот“ да им се најде единствено име доаѓа оттаму што овие возила нудат речиси бескрајно можности на примена. Тој талент доаѓа од фактот што моделите од овој вид во основата се конструирани како лесни доставни возила, односно тоа е категорија товарни возила. Никој не го сокрива тоа, напротив, бројни предности во секојдневието произлегуваат токму од „товарниот“ карактер на возилата.

Mercedes-Benz Citan е во втора генерација. Претходната генерација беше во основа само Renault Kangoo со сменет беџ. Во оваа, веќе драстично се сменети нештата и Штутгарт има удел и во самиот развој на возилото. Целта на соработката со Renault е цената на Citan да биде конкурентна на пазарот. Одвај дека постои ван во оваа категорија, а тој да не се произведува под повеќе марки – за цената да биде колку е можно пониска. Peugeot Partner, Citroen Berlingo, Opel Combo, Toyota ProAce City, Fiat Doblo, сите тие модели делат иста основа. Mercedes-Benz, Renault Kangoo и Nissan Townstar сe противничкото трио.

Освен во товарната изведба, Citan се нуди и во патничката изведба Citan Tourer, како оваа на видеоснимката, што деновиве е изложена во салонот на Мак Аутостар. На тоа доаѓа уште целосно електрична изведба е-Citan. Постои и премиум-варијанта, којашто се води под ознаката T-Class, па и нејзина електрична изведба, EQT. Тоа е мошне широка гама, којашто не остава некоја потреба на пазарот или желба на корисниците да остане неисполнета.

T-Class е луксузната изведба на Citan, којашто со изработката ги следи истите начела како кај лимузините на Mercedes-Benz, па соодветно и цената е далеку над 30.000 евра

Најголемите предности на Citan во патничката изведба Tourer почнуваат да се откриваат уште од самото повлекување на рачката на задните врати. Tourer доаѓа со две лизгачки врати, за чиешто ракување не е потребна голема сила и коишто секако располагаат со моќна заштита од самостојно лизгање, кога возилото е паркирано на надолнина. Кога ќе се паркира во тесен простор, се гледа и големата предност во споредба со класични врати, што бараат многу повеќе простор за отворање.

Просторноста е доблест во секое подрачје, па дури останува и традиционалниот простор за одлагање по целата ширина на таванот, веднаш над предните седишта. Подот е обложен со пластика, што е одлично доколку се практикува „валкан“ спорт, и секако е одличен кога дечињата задолжително по растрчување ќе се вратат со кал на обувките.

Во последниот квартал во 2022 година, од Citan и T-Class се продадени повеќе од 8.000 примероци

Mercedes-Benz Citan е релативно компактен со 4.498 mm. Дополнително се нуди и изведба со продолжена каросерија. Страничните врати отвораат пристап до задната клупа што е широк 615 mm и висок 1.059 mm. Кога задната клупа е соборена, широките врати секако дека се голема помош кога треба да се натовари гломазен предмет или спортска опрема. По барање, Tourer може да има и двокрилна задна врата, место единечен заден поклопец. Совозачкото седиште исто така може да се собори, за долги предмети.

Моделското семејство го сочинуваат во основа четири варијанти на погон: 108 CDI (дизел со 75 КС), 110 CDI (95 КС), 112 CDI (116 КС) и 113 CDI (131 КС). Сите изведби освен основната, може да се нарачаат со 7-степен менувач со двојна спојка.

При развојот било посветено внимание на „ѕвездата“, за Citan да биде комфорен, безбеден, моќен, тивок и штедлив во возењето, односно да биде достоен за марката што ја носи. Покрај тоа, моделот се одликува и со високо ниво на стандардна опременост, вклучувајќи и бројни системи за асистенција. Вообичаено за Mercedes-Benz, на располагање стојат и бројни можности за доплата на ставки од опремата или за прибор. За каросеријата може да се избира меѓу 4 уни- и 5 металик-лакови.

Може да биде и возило за кампување

Салонскиот примерок на видеото е со мотор 110 CDI со 95 КС, во продолжената изведба, со десетина ставки дополнителна опрема и со цена од 26.774 евра. Опременоста е збогатена со задна камера, MBUX систем ист како во лимузините, поврзување со телефон, клима уред, предупредување при возило во мртов агол, диодни светилки во кабината, лакирани браници, потпирач за раце напред, челични тркала од 16 инчи, пакет Tourer Pro, приклучок за 12 волти и кожа на воланот и менувачот.

Претходна објаваВо електричниот Lexus RZ и греењето на кабината работи поинаку
Следна објаваЕУ ѝ понуди на Германија е-горивата да бидат исклучени од забраната за мотори

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here