Ако е електричен тротинет, нека биде AMG

Некогаш не се потребни силни перформанси, за едно возило да понесе знак AMG. Тоа е случај со Mercedes-AMG E-Scooter, којшто минува 40 километри до следното полнење, најбрзо вози 20 km/h и моќноста му изнесува половина киловат. Сето тоа го овозможува батерија од 9,6 Ah, тротинетот тежи само 14,7 килограми.

Mercedes-Benz се обврза до крајот на деценијата да прерасне во целосно електрична марка. Така предвидува стратегијата насловена „Electric only“. Во ерата на електромобилноста не се менува само погонот, туку и бројни гледишта. Затоа стратезите во Штутгарт работат на нови видови на мобилност, коишто имаат за цел да го подобрат квалитетот на живеење во градовите.

Еден од поновите поими во мобилноста е „last mile“, односно тоа се решенија за превоз, со коишто се доаѓа до самото одредиште. Mercedes-AMG E-Scooter е електричен тротинет како и секој друг, но секој друг електричен тротинет не е AMG. Тротинетот се преклопува и се сместува во багажникот, каде што не одзема простор. Одлики му се квалитетот и стилските детали.

Тротинетот од екстра-класа, како што го опишува Mercedes, производ е од соработката со швајцарскиот специјалист Micro Mobility Systems AG. Мат-црниот тротинет користи електромотор од 500 вати и постигнува до 20 km/h. Посебност е тоа што брзината се одредува преку вртлива дршка, место со палец. Батеријата од 9,6 Ah оддава енергија за 40 километри пат.

Како што доликува за марката, подлогата за стоење е широка и обложена со материјал што не лизга. Секако дека се забележува печатот на AMG. Гумените тркала од 20 сантиметри нудат безбедно возење. Мошне важен детал е можноста за нагодување на цврстината на амортизирање на предното и задното тркало. Така се овозможува и користење по нерамен терен.

Стандардната изведба на E-Scooter пред да стане AMG

Управувачот има телескопска конструкција и се мести по висина. Логото AMG е неизоставно. Дисплејот прикажува брзина, наполнетост и режим на возење. Под предното светло се наоѓа ѕвездата на Mercedes. Се сопира или со електричната моторна сопирачка преку вртливата дршка, или преку ножната сопирачка што дејствува на барабан-сопирачката назад. На надолнина, E-Scooter ја дополнува батеријата.

Мобилна апликација преку блутут го поврзува скутерот со телефонот, за којшто е предвидено место на управувачот. Може да се користи дури и навигација.

Технички податоци: Mercedes-AMG E-Scooter

  • Тежина: ca. 14,7 kg
  • Димензии: Должина: 1050 mm; Висина: 1085 mm; Ширина: 520 mm (преклопено: 1050 mm; 320 mm; 145 mm)
  • Моќност: 500 Watt
  • Батерија: 9,6 Ah, 450 Wh
  • Досег: ca. 40 km Eco / 25 km Sport Modus
  • Брзина до: 20 km/h
  • Времетраење на полнење: 2,1 – 3,5 h
  • Големина на тркала: напред и назад по 200 mm
  • Сопирачки: 3 (1 напред и 2 назад)
  • Светло: напред и назад
  • Амортизација: напред и назад
  • Дисплеј: да
  • Број за нарачка: B66959592

Исто така од производителот на Mercedes-AMG E-Scooter

Не е BMW Isetta, туку е Microlino и вози на струја

Претходна објаваЗошто Porsche чува бикови околу фабриката во Лајпцих
Следна објаваНовите модели на Fiat ќе имаат кокпит како тркачка патека