за

Mercedes S-Class за политичари и индустриски магнати

Mercedes повторно докажува дека со право ужива толку висока доверба од највисоките државни функционери и индустријалци од светски ранг, кога се работи за заштита на највредното, на животот.

Mercedes S 680 Guard 4Matic е моделската изведба што треба да се бара во ценовникот, кога човек има потреба од верзијата на луксузниот крстосувач со посебна заштита. Блиндираната лимузина ја исполнува највисоката класа на балистичка заштита VPAM VR10 за цивилно возило и посебно е отпорна на експлозиви.

Проверката на делотворноста на заштитата на Mercedes-Benz S 680 Guard 4Matic во Институтот за балистика во Улм првпат се вршеше со т.н. биофидел кукли. Тоа се тест-кукли со конструкции што се слични со зглобовите и меките ткива во човечкото тело. Ова е прва блиндирана лимузина на Mercedes со погон на сите тркала. Моторот е V12 (M279) со моќност од 612 КС. Основната цена изнесува 457.100 евра, без ДДВ. Светската премиера ќе биде на салонот ИАА што првпат се одржува во Минхен.

Mercedes-Benz изработува блиндирани возила уште од 1928 година. Кај новиот „Guard“ има суштинска разлика во тоа што заштитата повеќе не се додава отпосле на каросериската структура на возилото, туку истата претставува дел од самата метална структура. Самоносечката заштитна ќелија е срцето на лимузината. Алуминиумските каросериски панели ја сокриваат сосем различната каросериска структура на блиндираниот S-Class.

Покрај заштитата од проектили и експлозиви, возилото се одликува и со посебно дотерани подвозје, мотор и менувач. Целта е да се постигне возливост иста како кај стандардната лимузина. S 680 Guard се развиваше во исто време со цивилните крстосувачи.

New photo by Automedia MK / Google Photos

 

Стаклата од внатрешната страна се обложени со заштита од распукнување од поликарбонат. Нивната посебност е во тоа што не ја попречуваат видливоста и со тоа се составен дел од концептот на заштита.

Може да се избира меѓу 80 најразлични можности за индивидуализација, од активно амбиентално осветлување до задна клупа од прва класа. Исто нема ограничувања и во поглед на бојата на каросеријата. Единствено не може да се нарача сончев покрив.

Од разбирливи причини не се соопштува колкав калибар издржува заштитата на Mercedes S 680 Guard или на колку килограми експлозив е отпорна лимузината

За прозорците постои посебен механизам за затворање (компресор, вентилски блок и компресиска комора) во случај да откаже електричната мрежа при напад. По барање се вградува противпожарна заштита што се активира самостојно, исто како и самостоен систем за снабдување со кислород.

Гумите Michelin PAX спаѓаат во стандардната опрема и можат да издржат растојание до 30 километри во оштетена состојба.

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Pagani одбележува 10-годишнина на Huayra со специјална „Pacchetto Tempesta“

Фудбалерите на Баерн возат електрични Audi e-tron GT