за

Четири денови со Мерцедес 300 СЛ на Миле Миља, цена 150.000 евра

Поексклузивно од тоа, не може. Не само присуство, туку учество во трката Миле Миља, со историски Мерцедес 300 СЛ, со поддршка од Штутгарт.

Може сé, ако цената одговара. Остварување на сонот, да се вози Мерцедес-Бенц 300 СЛ Галвинг на легендарната трка Миле Миља, чини најмалку 1,5 милион евра. Толку се цени оваа автомобилска икона од 1950-те. Може да се најде решение ако се побара услуга директно од прозводителот, но и тоа нема да чини евтино.

Историското издание на трката низ Италија долга илјада милји, Миле Миља Сторика, почна да се одржува од 1977 година и се цени како една од најубавите автомобилски прошетки во светот.

Повеќе денови се вози низ пределите на Италија што изгледаат како да се нацртани, се јаде добро и се ужива во врвно вино. Така се живее. Настанот привлекува големо внимание и меѓу публиката и медиумите. Сепак не се гледаат секој ден скапоцени и совршено сочувани олдтајмери, посебно исполирани за илјада милји низ Италија.

Миле Миља во почетокот беше вистинска вратоломна трка по јавните патишта низ Италија. Денес повеќе се вози господски, со голема резерва. Се вози многу побавно од тогаш, но рутата остана непроменета. Се поаѓа од северот на Италија, од Бреша. Оттаму се продолжува преку Џенова во правец кон Тоскана. По пат се минува покрај Кастиљоне дела Пешаиа и Гросето ген Ром.

На враќање, се вози преку Сиена и Прато, во правец на Болоња, а потоа долж брегот на езерото Гарда (Лаго ги Гарда) се продолжува кон поаѓалиштето во Бреша. Целиот настан трае пет денови.

Мерцедес-Бенц Класик првпат нуди можност да се изнајми скапоцен олдтајмер за учество на Миле Миља

За да се учествува во трката, потребно е да се поседува модел на автомобил што учествувал на оригиналната Миле Миља, меѓу 1927 и 1957 година. Доколку таков автомобил не се поседува, решение, како и обично, се многу пари. Мерцедес-Бенц има подготвено три примероци од 300 СЛ, коишто ќе ги отстапи за учество на Миле Миља. Сето тоа е опфатено во програмата „Миле Миља Експериенс Класик“, којашто е дел од неверојатно богатата понуда на одделението на Штутгарт за историски возила.

Тоа се три оригинални 300 СЛ „флигелтирер“, од сопствениот возен парк на Мерцедес-Бенц, произведени во 1950-те години. Штутгарт произведе околу 3.200 примероци, вклучувајќи го родстерот.

Изнајмувањето на возилото за трката, заедно со целосна поддршка на учеството и техничари што чекаат на повик, заедно со еден викенд претходно поминат со возилото во Штутгарт, заради запознавање, чини 150.000 евра. За да биде уште поекскузивно, на совозачкото седиште ќе седи некој познат автомобилски тркач.

Сосем е извесно дека за трите возила ќе се пријават многу повеќе заинтересирани. Поднесувањето барање за учество ќе се одвива од средината на јануари до средината на февруари. Потоа ќе се врши ждрепка за тоа кои ќе бидат тројцата среќници. Условите: Возраст од 25 до 80 години, свеж лекарски преглед и најмалку четири години возачко искуство.

Миле Миља Сторико 2024 се вози од 11-ти до 15-ти јуни

Малку е поевтино ако веќе се поседува олдтајмер од модел што учествувал на оригиналната Миле Миља. Во тој случај, учеството на трката чини најмалку 10.000 евра, вклучувајќи ги сертификатите и сместувањето.

Колекцијата од историски возила на Мерцедес-Бенц опфаќа 1.200 бесценети сведоштва од автомобилската историја, што се чуваат во „хајлиген хален“, во светите хали. Во музејот се изложени околу 160 од овие возила.

Врска до страницата што е наменета за ексклузивната услуга со 300 СЛ

https://www.mercedes-benz.com/en/vehicles/mercedes-benz-classic/1000-miglia-experience-classic

Секако дека услугата вредна 150.000 евра е врвот што Мерцедес-Бенц Експериенс го има во својата понуда и тоа е единствена понуда од ваков вид на целата автомобилска сцена. Може да биде и далеку поприземно, иако не премногу. Четири денови во јули со Мерцедес СЛ од моделските серии 113 и 107, низ Прованса, со платен еден ручок и една вечера, трансфер од аеродром, гориво, три ноќевања со доручок во хотел Ле Мулен де Вернег во Маљмор, чини 2.295 евра по човек.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Киа ЕВ9 меѓу 50 најголеми пронајдоци во 2023 според Популар Сајенс

Франција нуди лизинг за електрични автомобили за 100 евра месечно