за

Mercedes и тука беше прв: 25 години од првиот BAS

При опасност е важно да се реагира брзо и решително. Инженерите на Mercedes открија дека возачите при паника сопираат брзо, но недоволно силно. Така се роди BAS.

Уште една клучна иновација на Mercedes придонесе многу за безбедноста и стана задолжителна техника во автомобилите. Станува збор за BAS или оригинално Bremsassistent, односно асистент за сопирање. Неговата главна задача е да го скуси вкупниот пат на сопирање, вклучувајќи го и времето на реакција на возачот.

Решително и брзо сопирање може да спаси живот. Возачите при опасност обично реагираат брзо со притискање врз сопирачките, но обично во првите моменти не притискаат доволно силно – поточно, не притискаат веднаш со сета сила. Тоа го испитаа инженерите на Mercedes-Benz во почетокот на 1990-те години во баснословно скапите симулатори на возење.

Решението беше Bremsassistent, кусо BAS, а на сцената најпознато како „Brake Assist“. Системот првпат беше прикажан пред светот на 25-ти ноември 1996 година. BAS е уште еден клучен систем за безбедноста за којшто е заслужен Mercedes-Benz. Во декември 1996 година, BAS стана стандардна опрема прво во S-Class (W 140, „слонот“) и во родстерот SL (R 129). Понатаму следеше негово вградување во останатите моделски серии.

Начинот на работа е следниот: BAS врз основа на брзината со којашто се притиска врз педалот за сопирање препознава дека станува збор за панично сопирање и за миг го произведува максималниот можен притисок во системот за сопирање. Тоа значи, дека во моментот кога возачот ќе притисне со сета сила врз педалата, сопирачките ќе реагираат веднаш, без ниту милисекунда доцнење, затоа што во системот веќе е постигнат максималниот притисок. Тоа може да се замисли слично како пружина што е набиена и отскокнува веднаш штом ќе се ослободи.

New item by Automedia MK / Google Photos

Патот на сопирање се скусува значително на овој начин. При брзина од 100 km/h, на сува подлога, патот на сопирање се скусува за 45 проценти. Ако земеме за пример дека денешните модели на Mercedes запираат за 35 метри, тоа грубо пресметано би значело дека без BAS, возилото би запрело по повеќе од 50 метри.

BAS е важен систем за безбедноста на пешаците. Во серија тестирања на Mercedes-Benz, 55 возачи се движеа со својот автомобил со брзина од 50 km/h во населено место. Тестирањето симулираше дека пред возилото ненадејно излетува дете на патот. Само со сопирање со сета сила може да се избегне незгода. 

New item by Automedia MK / Google Photos

BAS е напредна техника. Уште при премиерата, системот ги користеше податоците од ABS, од контролата на тракција ASR, од автоматската блокада на диференцијал ASD, од елеткронската програма за стабилност ESP, од електронски контролираниот автоматски менувач, од радарскиот темпомат Distronic, од долга низа системи. Функциите на ABS, ESP, BAS и ASR се контролираат во еден уред.

BAS штотуку доживеа влез во сериското производство, кога инженерите на Mercedes веќе работеа на следниот важен систем за безбедност, на првиот Pre-Safe

Во истата година, инженерите на Штутгарт веќе работеа на друг систем за безбедност. Тоа е Pre-Safe, систем што врз основа на повеќе влијанија и информации препознава дека постои опасност од судир. Кога Pre-Safe ќе утврди опасна ситуација, системот го „подготвува“ возилото за судир, со тоа што потпирачите за грб на седиштата ги исправува во оптимална положба за безбедносните ремени да бидат делотворни и го затвора сончевиот покрив. Тоа се само два примери, од целата низа мерки што Pre-Safe ги има на располагање.

Pre-Safe првпат се вгради во 2002 година, во S-Class од генерацијата 220. Седум години подоцна, во тогаш актуелната S-Class (W 221), асистентот за сопирање доби помош од радар. Тој го мери растојанието од возилата што се наоѓаат напред и го предупредува возачот ако растојанието е премало. Во меѓувреме, системот уште однапред пресметува со колкава сила да реагира, доколку настане судир.

New item by Automedia MK / Google Photos

BAS Plus користи два радари: Нова генерација блископодрачни радари со 24 GHz техника, со агол од 80 степени и досег до 30 метри, заедно со 77 GHz радар на темпоматот Distronic, со агол од 9 степени и со досег до 150 метри. За споредба, ако процентот на незгоди со обичната техника изнесува 44%, со новиот BAS тој се намали за три четвртини.

Техниката понатаму се развиваше со молскавична брзина. Во 2006 година следеше активен асистент за ноќно гледање и усовршен радарски темпомат Distronic Plus, потоа BAS Plus стана дел од Pre-Safe со самостојно делумно сопирање при опасност. Следен предизвик е автономното возење, автопилотот. Техниката одамна е развиена, единствено треба таа да се „договори“ со правните системи.

>>> Mercedes пред 25 години го воведе системот ESP

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Бајден вели дека General Motors е предводник на електромобилноста

Peugeot 3008 Hybrid4 е лав со одмерен залак