за

McLaren P1 GTR со волан како во формула 1

Сопствениците на идниот P1 GTR ќе можат да почувствуваат брзини блиски до болидите во формула 1. За чувството да биде уште поверно, Британците вградуваат и волан од формула 1 во својот тркач.

McLaren ќе го искористи целосниот потенцијал на суперспортскиот автомобил P1 со верзијата GTR којашто е развиена за тркачка патека. Веќе по воланот може да се насети со каква идеја е развиван овој болид најавен за следната година. Место класичен спортски волан, P1 GTR ќе има волан што е инспириран од болидот на McLaren со когошто Луис Хамилтон го освои светскиот шампионат во формула 1 во 2008 година.

McLaren_P1_GTR_498

GTR меѓу другото ќе располага со лесни школкасти седишта изработени по мера на возачот и со хибриден погон засилен на точно 1.000 КС. Стандардниот P1 постигнува 918 КС со комбинацијата од 3,8-литарски V8 и електромотор.

McLaren_P1_GTR_654Производството на тркачкиот автомобил што може да се регистрира за нормален сообраќај ќе започне во идниот јуни, откако во фабриката во британскиот Вокинг ќе биде произведен последниот од предвидените 375 примероци од стандардниот P1. Екстремната верзија вредна 2,5 милиони евра ќе можат да ја купат само оние што претходно инвестирале еден милион евра во „обичниот“ McLaren P1.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот Jeep Wrangler сепак се откажува од револуција

Супермоторот од GT ќе се вградува и во моделите на Mercedes