за

Mercedes произведуваше и трактори, над 30.000 уште се во редовна примена

Најспектакуларниот трактор во Европа беше лакиран во светлозелена боја и носеше голема трикрака ѕвезда на маската. Кусо потсетување на MB Trac.

mb trac mercedes трактори

Малку е познато дека Mercedes во не толку далечното минато произведуваше и трактори. Поглавјето сепак не траеше долго според стандардите на Mercedes и заврши пред три децении.

Само едно возило на Mercedes не успеа да постигне позабележлив успех на пазарот. Различно од сите историски автомобили, камиони, па дури и од универзалецот Unimog, единственото возило на Mercedes што не успеа на економски план е MB Trac – трактор. Тој се произведуваше до 1991 година, но живее и денес, честопати како олдтајмер, но и како издржлива работна машина.

Историјата на MB Trac почнува во 1967 година. Под раководство на Густав Кретенауер, во фабриката на Daimler во Гагенау се развиваше MB Trac, со техника преземена од Unimog. Прототип на идниот трактор беше прикажан на саемот во Хановер во 1972 година, со ознака MB Trac 65 / 70. Тракторот на Mercedes привлече внимание и на самиот саем беа направени 350 нарачки.

Следното големо поглавје почна во септември 1980 година, кога на истиот саем во Хановер беше прикажан MB Trac 1500. Под необично долгата и коцкеста хауба работеше шестцилиндарски дизел од типот OM 352 H со 150 КС. Mercedes посебно се гордееше на преносот: „Тесно степенуваниот менувач со дванаесет степени на пренос напред и дванаесет степени на пренос назад дозволува брзината точно да се приспособи според работната задача“.

Тракторот на Mercedes дови уште повеќе моќност во 1990 година. На друг саем, исто така во Хановер, беше прикажан новиот MB Trac 1800 Intercooler. Неговиот мотор постигнуваше 180 КС и се базираше врз шестлитарскиот 6-цилиндарец во MB Trac 1600 Turbo, што ја имаше својата голема премиера во 1987 година. Новиот интеркулер овозможуваше моќноста да се зголеми за 24 КС.

Двата модели, MB Trac 1500 и 1800 Intercooler, спаѓаа во класата на тешки системски трактори на Mercedes, што стартуваше во 1976 година. Постоеја и трактори од лесната (од 1972 година, серија 440) и од средната класа (од 1982, серија 441). Понудата од моделски варијанти во 1987 година опфаќаше вкупно осум модели, од малиот MB Trac 700 со 68 КС до 1600 Turbo со 156 КС.

Земојделците го ценеа Unimog уште од почетокот на 1950-те години, поради неговата широка применливост. MB Trac во 1972 година првпат ги пренесе овие квалитети на Unimog во сегментот на тракторите. За разлика од повеќето модели во тоа време, Trac стандардно располагаше со погон на сите тркала, сите со иста големина, а кабината беше поставена средишно, заради подобра распределба на тежината.

Тракторот на Mercedes располагаше со моќна хидраулика за регулација напред и назад, дорасната за тешката секојдневна примена, како и со три подрачја за поставување уреди од секаков вид. Место вообичаената блок-контрикција, MB Trac поседуваше посебно цврста носечка рамка. Амортизираната предна оска и кабината што исто така беше амортизирана, како реткост меѓу тракторите, гарантираа беспрекорна работна средина за возачот.

MB Trac и Unimog делеа иста техника, но и се произведуваа во истата фабрика во Гагенау. Седиштето, воланот, таблата и педалите на Trac можеше да се ротираат за 180 степени. Тоа овозможуваше MB Trac да се користи и во спротивен правец на возење, со крутата задна оска.

Историјата на MB Trac сепак заврши мошне рано, по само две децении, во декември 1991 година. Тракторите со трикраката ѕвезда денес се барани возила на сцената на олдтајмери. Вкупно беа произведени над 41.000 примероци од MB Trac, од кои повеќе од 30.000 трактори уште се наоѓаат во редовна примена на полињата, во шумите и во градежништвото.

Целото ова поглавје сепак не заврши пред три децении. Оттогаш тракторите се нудат како WF Trac od фирмата Werner, којашто е специјалист за надградби за примена во шумарството. Со текот на годините, тракторите доживеаја бројни усовршувања и нова техника. Денес меѓу другото се вградува четирицилиндарскиот дизел од Unimog. Статусот на легенди сепак им припаѓа на MB Trac што се произведуваа до 1991 година.

>>> Најбрзиот трактор на светот вози со 130 километри на час

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Porsche Taycan Cross

Porsche Taycan годинава ќе се појави и во кросовер-изведба

ford mustang mach e

Ford ќе го произведува Mustang Mach-E и во Кина