Првиот автомобил на Mazda имаше двоцилиндарец со 16 КС

Mazda R 360 Coupe
Mazda R 360 Coupe

Историјата на Mazda започна во пролетта 1960 со необичен малечок автомобил. Вообичаено за јапонските марки, почетоците на Mazda исто така се поврзуваат со производство на товарни трицикли и пикапи. По нив следеше и првиот автомобил. Купето R 360 за кусо време стана најпродаван модел во категоријата на кеџидоша-автомобили, посебна категорија автомобили со ограничени димензии и мали мотори, кои уживаат посебни повластици и моментно сочинуваат половина од продажбата на возила во Јапонија.

Mazda R 360 се разликуваше од останатите автомобили со тоа што беше изведена како купе и тоа им се допадна на купувачите. Иако каросеријата беше долга само три метри, внатре имаше место за четворица патници. Друга предност беше тоа што место вообичаениот двотактен мотор за оваа категорија, Mazda користеше четиритактен мотор. Менувачот располагаше со четири, место со три степени како повеќето модели во класата.

Двоцилиндарскиот V-мотор со воздушно ладење и зафатнина од 356 сантиметри кубни беше вграден назад и располагаше со 16 КС. Моторот беше изработен целосно од алуминиумска легура, вклучувајќи и магнезиум за картерот и за „ѕвоното“ на менувачот. Крајната брзина изнесуваше 90 километри на час.

https://photos.app.goo.gl/5GjaFsDz4WyxxZJp6

Малечкото купе на Mazda беше потемпераментно од останатите модели, затоа што конструкторите се погрижија да го отстранат секој грам вишок од возилото. Задниот и предниот капак, рамката на седиштето и барабан-сопирачките беа изработени од алуминиум. Големото задно стакло беше изработено од акрил.

Првата Mazda тежеше само 380 килограми и беше најлесен автомобил од јапонско производство во 1960-те години

Најголема заштеда доаѓаше од монокок шасијата, којашто воедно овозможуваше и релативно висока безбедност при судир. Како резултат, Mazda R 360 Coupe тежеше само 380 килограми и со тоа беше најлесен јапонски автомобил. Посебните производствени техники овозможија малечкото купе да биде и едно од најевтините автомобили во Јапонија.

На денот кога стартуваше продажбата, на 23-ти мај 1960, за малечката Mazda се решија околу 4.500 возачи, кои веднаш потпишаа купопродажен договор за автомобилот. Набрзо месечната продажба надмина 4.000 возила, што беше сензација во тоа време. Наскоро следеа и други каросериски изведби, меѓу другото пикап, комби и лимузината Mazda Carol 360. Производството на Mazda R 360 Coupе заврши во 1969 година.

https://photos.app.goo.gl/ETxnn1MmrqtkVw1j7

Го прочитавте нашиот тест на Mazda 3?

Тест: Mazda3 2.0 Skyactiv-G M Hybrid

Претходна објаваVolkswagen R има моќна амбасадорка
Следна објаваAudi победи во седум од вкупно 14 класи во изборот на „Најдобри марки“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here