Додека трае неизвесноста околу судбината на марката со богата традиција по спојувањето на Fiat и Peugeot, од Модена најавија серија од 100 примероци под името Royale. Пред четири децении, со верзија на Quattroporte со ова име беа одбележани 60 години од основањето на марката.
Quattroporte, Levante и Ghibli ќе се изработат во специјална серија од вкупно 100 примероци, именувана според најексклузивниот автомобил на Maserati. Во 1986 година, кога марката со историско седиште во Болоња одбележуваше 60 години постоење, беше изработена ексклузивна серија од Quattroporte, под името Royale. Серијата се изработи во само 51 примероци.
Quattroporte, тогаш во својата трета генерација, за оваа специјална серија беше лакиран во ексклузивна сина или зелена боја, со врвна изработка на кабината, меки кожени седишта и дрвени облоги на арматурната табла и во вратите. Моторот беше 4,9-литарски V8 со 300 КС.
Новата серија Royale е токму во чест на овој модел. Од моделите Quattroporte, Levante и Ghibli ќе се изработат вкупно 100 примероци, со слободен избор на моторот: Трилитарски дизел со 275 КС или трилитарски бензинец V6, во изведби со 350 и 430 КС.
За каросеријата може да се избира меѓу две ексклузивни бои, Blu Royale или Verde Royale. Бандажите се од 21 инчи во боја на графит кај теренецот Levante, односно во боја на титан кај лимузините Ghibli и Quattroporte. Сопирачките клешти се лакирани во сребрена боја.
Вистинскиот ексклузивен карактер следи во ентериерот, кој се базира врз нивото GranLusso и дополнително е облагороден со кожа со потпис на Zegna или со двобојна кожа од Pieno. Кај првата варијанта станува збор за плетена кожа што се испорачува само за Maserati.
Плочка со серискиот број на автомобилот секако не отсуствува, исто како и врвно озвучување со печат на Bowers&Wilkins или сончев покрив. Сите можни системи за асистенција се вградени како стандард.
Испораките ќе стартуваат во март 2020, во Maserati веќе ги пополнуваат тефтерите со нарачки.
Тоа што денес можат да го изведат сите, во 1980-те беше специјалност на Maserati. Најексклузивниот автомобил од Болоња, Quattroporte Royale, еден од само 51 примероци
Posted by Automedia.mk on Friday, January 17, 2020