Денешната навигација целосно се заснова врз сателитски системи, какви што е ГПС или Галилео. Без разлика дали се работи за автомобил, авион или за планинарење: Местото на коешто човек се наоѓа во моментот, се одредува преку сигнали, што сателитите ги испраќаат кон Земјата.
Овие системи се докажани, но имаат и слабости. Нивната работа може да биде попречена, на пример, при сончева бура, во тесен простор меѓу објекти, а секако дека може да се влијае и отстрана, за сигналот намерно да се попречува. Целиот систем бара сложена инфрастуктура.
Австралиски научници од компанијата Ку-ЦТРЛ веруваат дека имаат многу подобро решение. Нивниот систем за навигација е наречен Ајронстоун Опал, којшто работи сосем независно од сателити. Место радио сигнали, Ајронстоун Опал користи т.н. квантен магнетометар. Тој ги мери магнетните аномалии на Земјата. Во првите тестови се покажа дека прецизноста е 50 пати поголема во споредба со познатиот ГПС.

Магнетни полиња место радио сигнали
Квантните магнетометри се исклучително чувствителни и ги мерат и бележат најситните промени во природното магнетно поле на Земјата. Овие мерни податоци се споредуваат со прецизни карти на магнетното поле.
Софтвер што работи со вештачка интелигенција ги обработува добиените податоци и автоматски ги регистрира отстапувањата при мерењето. Системот е целосно независен од надворешни сигнали и со тоа е сигурен од надворешни фактори, како атмосферски влијанија или хакерски напади.
Дали ГПС станува историја?
Магнетометрите постојано го следат локалното магнетно поле. Во комбинација со алгоритми за потиснување на надворешните влијанија и автоматско споредување со картите, се добива систем за навигација што нуди прецизно лоцирање во градска средина, тунели или други подрачја до коишто не допира сателитскиот сигнал. Бидејќи системот не испраќа активни сигнали, Ајронстоун Опал не може да се открие.
Во тестовите со дронови, комерцијални авиони и моторни возила се докажа високата прецизност. Системот работи сигурно, посебно во подрачја во коишто сателитските системи наидуваат на ограничување. Комбинацијата од робусна мерна техника и интелигентна обработка на податоците, дозволува навигацијата да работи стабилно и при појава на пречки во магнетното поле. Поради тоа, системот во иднина може да се користи во ситуации кога е неопходно сигурно лоцирање.
Ограничувањата со коишто моментно се соочува новата техника
И покрај големите предности, Ајронстоун Опал сепак наидува на природни ограничувања. Карти на магнетното поле со висока резолуција во моментов се достапни само за одредени региони. Точноста е пониска во подрачја за коишто нема толку детални карти. Покрај тоа, магнетното поле на Земјата се поместува и може да се смени при природни влијанија, како геомагнетни бури. Затоа е неопходно постојано да се обновуваат податоците.
[the_ad id=”85764″]
Покрај тоа, производството и калибрацијата на квантните магнетометри се мошне сложени и скапи. Во моментов уште се во развој помали и поотпорни сензори, што ќе бидат наменети за широкиот пазар. Сé додека не се решат овие предизвици, Ајронстоун Опал ќе се користи само за специјална примена и за подрачја што се клучни за безбедноста.
Линкот до соопштението за медиуми на Ку-ЦТРЛ
https://q-ctrl.com/blog/q-ctrl-overcomes-gps-denial-with-quantum-sensing-achieves-quantum-advantage
















