Луксембург е прва држава во светот што овозможи бесплатно користење на јавниот превоз. Автоматите за билети се отстранети, за контролори повеќе нема потреба.
Билетите за јавен превоз станаа историја во Луксембург. Од неделата, автобусите, метрото и трамваите се бесплатни на целата територија на војводството. Луксембург е првата држава во светот, којашто направи целиот јавен превоз да биде бесплатен. Тоа се прославуваше масовно во малата држава. На железничките станици се одржуваа мини концерти, во возовите и трамваите се пееше и се танцуваше. Прославата кулминираше вечерта, со музички фестивал со 3.000 посетители.
Целта на овој радикален потег е населението да се поттикне да ги користи автобусите и железницата, место автомобилите. Министерот за мобилност Франсоа Бауш, од партијата на зелените, цени дека „до 2025 година, бројот на превезени патници ќе се зголеми за 20 проценти.“ Како и повеќето градови и држави во Европа, Луксембург се соочува со големи застои во сообраќајот.
Властите ги презедоа сите мерки, за транспортот да го направат попривлечен, затоа што проценија дека само воведувањето бесплатен превоз нема да биде доволно за населението помасовно да го користи јавниот превоз. Мрежата на автобуските и железничките линии беше проширена, се воведоа и нови линии, повеќе возила, се овозможи покусо време на чекање.
Само во железницата, од 2018 до 20278 година ќе се вложат четири милијарди евра. Мотото на министерот: „Урбаниот простор мора повторно да им припаѓа на луѓето, не на автомобилите“
Политиката не е против користењето автомбоили, туку е за поинтелигентно користење на најразличните форми на превоз, од автомобил и автобус, преку желецница и велосипеди, до користење возила од јавен возен парк (carsharing), за да се дојде до одредиштето.
На главниот град отпаѓаат два проценти од вкупната површина на земхјата со 620.000 жители. Еден процент од таа површина се зелени површини, додека на преостанатиот еден процент живеат 20 проценти од населението. На таа површина се наоѓаат 40 проценти од работните места. Секој ден, десетици илјади лица пристигат однадвор до своето работно место во градот. До 2030 година, во главниот град Луксембург ќе сообраќаат само електрични автобуси.
Новата стратегија на мобилност претставува и реакција на големиот град на работници што доаѓаат однадвор. Секој ден, околу 220.000 работници пристигаат од Франција, Белгија и Германија. Тие исто така ќе профитираат од бесплатниот превоз.