Бесплатното користење на автобускиот и трамвајскиот превоз се воведува со цел да се намали сообраќајниот метеж во Луксембург. Тоа е само дел од целосниот концепт што ќе води кон целосна пресвртница во транспортот.
Јавниот градски превоз во Луксембург ќе биде бесплатен. Од 1-ви март 2020 година, за користење на автобусите и на трамваите повеќе не треба да се плаќа билет. Билетарниците ќе се затворат, а контролорите ќе бидат распределени на други работни места. Премиерот Ксавиер Бетел цени дека овој чекор одлично се надоврзува на имиџот на малечката и богата држава. Билет ќе се плаќа единствено за прва класа во железничкиот превоз.
Бесплатното возење е само дел од планот за комплетна сообраќајна пресвртница во земјата. Со површина од 2.600 километри квадратни, точно десетпати помалку од Македонија, и со 600.000 жители, Луксембург е во целосен сообраќаен застој.
Од соседните држави секој ден на работа пристигаат околу 200.000 лица, најчесто со автомобил
Главниот „извор“ на овој проблем е големиот економски раст. Дополнително влијае тоа што цените на недвижнините и на кириите се астрономски, па голем број жители бараат поевтин престој во соседните држави. За дваесет години, бројот на населението се зголемил за една третина. Покрај тоа, околу 200.000 лица секој ден патуваат до своето работно место од Франција, Белгија и од Германија. Тоа се 140% повеќе отколку во 2000 година. Поради тоа, наутро и навечер се случува општ застој.
Трошоците за бесплатниот превоз ќе ги преземе државата. Даночните обврзници моментно покриваат 90 проценти од трошоците за јавниот превоз, кои вкупно достигаат околу половина милијарда евра. Бесплатното возење, државата ќе го покрие со околу 40 милиони евра.
Целосниот концепт за сообраќајна трансформација во земјата се води како „Моду 2.0“ и го предвидува следното:
- Вложувањата во мобилноста во 2021 година ќе се зголемат на 806 милиони евра, наспроти 500 милиони евра во 2018 година
- Низ главниот град ќе минува најсовремен трамвај, кој во самото градско јадро ќе користи батерија, без потреба од висечки кабли
- Нови паркиралишта и железнички линии ќе се изградат и организираат на периферијата на градот, за луѓето што патуваат до своето работно место од околните региони Лотринген, Валонија, Зар и Трир, да се префрлат на јавен превоз и со шински превоз брзо да пристигнат на работното место.
- Бројот на места за паркирање од коишто директно ќе поаѓа јавниот превоз, двојно ќе се зголеми до 2025 година.
- По сообраќајниците низ градот ќе бидат изведени посебни и брзи ленти, за возила со најмалку тројца патници. Моментно во градот има по 250.000 празни седишта во автомобилите, дневно.
- Велосипедската мрежа ќе се прошири двојоно, на 1.100 километри. Најголемите градови Луксембург и Еш сур Алзет ќе се поврзат со брза велосипедска делница долга 28 километри.
- Автобуската мрежа ќе се реорганизира, а до 2035 година ќе се изгради брза градска железница којашто ќе постигнува 100 километри меѓу Луксембург и Еш.
https://www.instagram.com/p/B5f87MNADTa/
Во ЕУ возат 268 милиони коли, просек 11 години, хибридите со 0,7%
















