Како што наближува почетокот на сериското производство на електромобилот Evija со своите 2.000 КС, Lotus открива неколку опции што ќе можат да ги избираат идните сопственици на болидот од 2 милиони фунти.
Lotus ќе стартува со производството на Evija кон крајот на годината. Планираната продукција за првата година веќе е резервирана од клиенти ширум светот. Тие ќе ги избираат опциите преку посебен конфигуратор со дисплеј на допир, кој е развиен по нарачка на Lotus и располага со ултра моќен графички процесор. Целта е секако да се постигне фотореалистичен приказ на возилото и на анимациите. Основата е софтвер од видеоигра. Тоа му овозможува на клиентот да го погледне возилото од кој било агол, вклучувајќи ја и кабината.
Со користење на напредна техника позната како ray-tracing, идните сопственици можат да ја постават Evija во најразлични средини ширум светот, за да проверат како локалното сонце влијае врз бојата на каросеријата што им се допаѓа. На крајот, секој клиент добива „филм во летање во 360 степени“, точно за автомобилот што ќе се изработи по негова нарачка.
Lotus објави неколку фотографии од Evija што се направени на конфигураторот. На нив, хипер-електромобилот виртуелно е сместен во дизајнерското студио во Хетел, во седиштето на Lotus уште од 1966 година
По „работата“ со конфигураторот, клиентот уште неколку пати ќе биде контактиран од производителот, а тоа значи дека во различни фази од изработката на неговиот автомобил ќе добива подароци, преку коишто Lotus ја прикажува посебната природа на топ-моделот.
Уште еден „детал“ е книгата што ќе се врачи при испораката на возилото и во којашто се фотографирани моменти од изработката на возилото.
LOTUS EVIJA: Неофицијални технички податоци
- Име: Lotus Evija (Type 130)
- Погон: Електричен, 4WD
- Моќност: Целта е титула на најсилен сериски автомобил, со 2.000 КС
- Батерија: 70 kW/h / 2.000 kW
- Вртежен момент: 1,700 Nm
- 0-100 km/h <3,0 s
- 0-300 km/h <9,0 s
- Крајна брзина: Над 320 km/h, огреничена
- Досег: 400 km
- Полнење (350kW): 18 min
- Тежина: 1,680 kg
- Продукција: Најмногу 130 примероци
- Димензии 4,459 / 2,000 / 1,122 mm
- Резервација £250k депозит за место во производство
Lotus Evija или хиперавтомобилот за милијардери со зелено срце