за

Тивко и делотворно: Лексус направи уште подобар хибрид од својот У-Икс

Компактниот кросовер на Лексус, појавен долго пред Киа Ексид и Пежо 408, доби шестпати посилен електромотор назад, заедно со низа фини зафати.

Порасна бројката на хибридната изведба на Лексус У-Икс, најмал модел на луксузната марка на Тојота, до неодамнешниот старт на Л-Б-Икс. Место 250, хибридниот У-Икс отсега ќе биде 300.

Покрај Тојота и Лексус, целата драма околу електрификацијата што ја зафаќа браншата почнува да заличува на покер. Некои блефираат, некои се убедени дека треба да вложат сé, други се обидуваат да проценат по ликовите околу нив, трети мамат. Каде се двеве марки во целата таа игра во којашто сите се надеваат дека во миг ќе ја направат најголемата заработка во животот? Тојота игра, но вложува искусно и трезвено. Јапонскиот концерн го има хибридниот погон, што уште е „стариот и добриот“. Тојота, патем, продава повеќе од своите хибриди, отколку што сите конкуренти продаваат од своите електромобили заедно.

Кросоверот У-Икс, заедно со Ен-Икс, се најпродавани модели на Лексус во Европа. Во новото моделско годиште на У-Икс, се додава во возната динамика, верно на замислата што ја имаа проект менаџерите кога го пуштија моделот во продажба, за да понуди возна динамика на спортски компакт во сенаменска каросерија на кросовер.

Колку внимателно игра Лексус околу струјата, укажува и фактот што самиот У-Икс, освен во хибридна изведба, е достапен и во целосно електрична изведба. Хибридот отсега е 300х место 250х, а за тоа придонесе и растот на моќноста од 184 на 199 КС. „Тајната“ на зголемената моќност е во тоа што во новиот У-Икс работи хибриден погон од 5-та генерација, оној што имаше премиера во Корола Крос и потоа продолжи во сите следни модели, до Ц-ХР и Приус.

Никел-метал-хидридната батерија со 180 ќелии и напон од 216 волти од претходничката, заменета е со литиум јон батерија со 60 ќелии и напон од 222 волти

Забрзувањето се скуси од 8,5 на 8,1 секунди во изведбата со погон напред, односно од 8,7 на 7,9 секунди кај изведбата со погон на сите тркала. Во режија на Тојота, секако дека и потрошувачката се скуси: 5,0 до 5,2 кај првата и 5,3 до 5,7 литри кај втората изведба, зависно од тркалата и нивото на опрема.

Дволитарскиот бензинец останува, новина е тоа што задниот електромотор кај изведбата со погон на сите тркала е-Фор, место 5,3 кВ (7 КС) сега испорачува 30 кВ, односно 41 КС. Со преоѓањето од индукциски, на електромотор со постојана магнетска понуда, се заостри и реакцијата на погонот, а со тоа и уживањето, ветуваат во Лексус.

Зафати во подвозјето повеќе го спречуваат навалувањето во свијоци и при остро сопирање. Забрзувањето е постабилно кога тркалата на едната страна се на асфалт, а на другата на лизгава подлога, на снег, мраз. Голем дел од зафатите се направени во самиот погон е-Фор, вклучувајќи распределба на вртежниот момент.

Опција во кокпитот се дигитални инструменти од 12,3 инчи, а има промена и во графиката и содржината на средишниот дисплеј од 8 инчи.

Новост во изборот за внатрешноста е боја на амонит, а може да се нарача и внатрешност во којашто целосно отсуствува кожа. Во воланот е вградена камерата што активира аларм ако возачот подолго време е свртен на каде што не треба.

Исто и системите за асистенција се заменети со понови и поспособни, тоа е подрачје во коешто Тојота вложува многу. Новина тука е предупредувањето кога се отвора врата, а наидува возило, велосипедист, пешак.

За каросеријата, сега во сите нивоа може да се избере соник бакарна боја. Во изведбите Ф Спорт има и втора варијанта на двобојната каросерија, со контрастно лакирање на страничните столбови, што прави целиот појас на прозорците да изгледа како целина.

Во електричниот У-Икс 300е и натаму работи батерија од 7,28 кВч, промената е во тоа што полнењето е скусено, од 80 на 60 минути при користење брз полнач. Во случајов „споредната“ погонска варијанта, претходно имаше голема промена, кога во пролетта 2023, досегот беше зголемен на 450 километри.

Галерија од големото возење на Лексус У-Икс низ Македонија, снимено од Дарко Антоновски, режисер на бројни македонски спотови

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Берлин регистрирал преку 16.000 прекршоци со дипломатски возила лани

Шкода почна со производство на обновената Октавиа