Тоа што престижната марка на Toyota го најавуваше со неколкуте концептни возила ќе стане реалност во Токио – купе со ознака RC, со динамична нота во дизајнот и со напредна технологија.
Премиерата на новото купе на Lexus ќе се одржи на салонот во Токио на 20-ти ноември, со двете моделски изведби: RC 350 со мотор V6 од 3,5 литри и RC 300h со хибриден погон и 2,5-литарски мотор. Со динамичниот изглед и со досега најагресивната изведба на трапезовидната маска на Lexus, купето RC има мисија да привлече нова публика во марката, на која емотивниот набој во дизајнот и е подеднакво важен како традиционалните вредности на Lexus во квалитетот, префинетоста и издржливоста.
Триаголните светла ја следат идејата на концептот LF-LC, како со формата, така и со функцијата. Кога е вклучено собореното светло, свелечките диоди ја формираат буквата L, како асоцијација на Lexus. Истото се случува и кај задните светла. Изгледот на бандажите исто така е пренесен од концептниот автомобил. Овие може да бидат со 10 или 5 краци, со пречник од 19, односно 18 инчи, во обата случаи со дизајн што укажува на прецизната изработка на возилото. Новитет е и повеќеслојното лакирање на каросеријата, кое што произведува повисок сјај и поголем контраст на сенки.
Кокпитот на купето RC е инспириран од спортските концепти на Lexus, со контрастни бои, материјали и осветлување. Иновација е амбиенталното осветлување, кое за разлика од досега не го осветлува ентериерот надолу, туку нагоре. Престижна нота во кокпитот внесуваат украсните панели од дрво шимамоку, изработени во повеќе слоеви и типично педантно за јапонската занаетчиска школа.