
Британскиот специјалист за 4х4 соборува рекорд по рекорд. Напролет стартува со продажба наследникот на Freelander, којшто нема ништо заедничко со корените на марката, но кој уште се грижи за тоа.
Land Rover постави наградно прашање по повод претставувањето на новиот модел Discovery Sport: „Што е авантура?“ Тој што ќе го даде најоригиналниот одговор во форма на видео ќе добие излет во вселената за четири лица. Не станува збор за шега, што меѓу другото е сосема очекувано од Британците, туку за рекламна акција под името „Space Race“. За разлика од луѓето од маркетингот на Land Rover, коишто ја осмислија оваа кампања, возилото што денес првпат се појави пред јавноста е поприземно.
Комплетно новиот модел ќе профитира од актуелниот бум во продажбата на лесни теренци и ќе му донесе нови купувачи на Land Rover. Во минатата година британската марка со своите теренци постигна пораст во продажбата од 15 проценти, со 348.338 возила. Никогаш во својата историја Land Rover нема продадено повеќе возила и се чини дека планира продажбата да ја зголеми за уште толку, кога ќе се има во предвид огромниот список на новитети што ги носи Discovery Sport.
Меѓу нив е на пример новата задна оска со повеќе водилки, чијашто конструкција е толку компактна што во задниот дел се добива или багажник со зафатнина од 981 литри при стандардна конфигурација со пет седишта или простор за трет ред седишта, со коишто Discovery Sport се претвора во седумсед. Покрај тоа, новиот Land Rover е прв теренец со воздушна перница за пешаци и поседува проекциски дисплеј со ласерска техника. Со таква технологија е штета да се дозволи возилото да потоне, па може дополнително да се опреми со таканаречени „сензори за понирање“, коишто се вградуваат во надворешните ретровизори и ја мерат длабочината на водата при премин преку река, алармирајќи кога ќе се појави опасност од потонување.
Со дебито на Discovery Sport заврши ерата на Land Rover Freelander, когошто марката го понуди за првпат во 1997 година, како основа на својата моделска понуда. Во иднина ќе постојат само три моделски серии во Land Rover: Неуништливиот Defender, универзалниот Discovery и суперлуксузниот Range Rover. Првиот и најмал претставник од серијата Discovery е новиот модел Discovery Sport, со должина од 4,59 метри и цена од околу 32.000 евра на европскиот пазар. Според тоа, новакот е девет сантимети подолг од претходникот, но и околу 4.000 евра поскап од него. Тоа е буквално раст во сите димензии.
Продажбата на европскиот пазар ќе стартува напролет, во почетокот со три мотори: Дволитарски бензинец со четири цилиндри, турбонатполнење и 240 КС, како и два дизела од по 2,2 литри, со моќност од 150 и 190 КС. Подоцна ќе стартува и продажбата на поевтината и поштедлива моделска изведба со погон само на предните тркала.
Во иведбата на погонот на сите тркала може да се избира меѓу постојан погон на сите тркала и систем Active Driveline, којашто го распределува вртежниот момент меѓу предната и задната оска во зависност од условите на возење. Покрај тоа, може да се бира меѓу шестстепен мануелен или деветстепен автоматски менувач.
Салонската премиера на Discovery Sport е закажана за 4-ти октомври, во Париз, додека светската премиера се случи на место што е соодветно на необичниот награден конкурс – на лансирна рампа за вселенски летови во сојузната американска држава Њу Мексико.
















