за

Ауто Билд ги препорачува овие 10 користени компакти

Кои користени модели од компакт класата го оправдуваат вложувањето во нив? Магазинот Ауто Билд ги избра следните модели, кои според статистиката најретко имаат дефекти.

Кога треба да се избере автомобил, прв избор обично се СУВ-моделите. Тие се големи и практични, убаво е чувството да се седи на високо, но тие ја држат и цената. Затоа, кога треба да се избере поразумно, класичните компакти уште ги освојуваат симпатиите.

Германскиот магазин Ауто Билд, како и многупати досега, дава корисна помош за избор на модел од компакт класа од пазарот на користени возила, што нема да се покаже како погрешна инвестиција. Десетте модели во продолжение се избрани врз основа на статистиката на дефекти што германските автомобилисти ја водат педантно, како и сé друго поврзано со автомобилите во земјата на Mercedes, BMW & Co.

Како горна граница се поставени 6.000 евра. Ориентациските почетни цени што ги наведува Ауто Билд важат за авто-плацевите со користени возила во Германија и во нив е вклучен ДДВ во висина од 19 проценти. Значи, кои се моделите што имаат најнизок процент на дефекти, односно се расипуваат помалку од други модели во класата?

Дури и без да се погледне списокот, кога ќе се спомне добар компакт, веднаш се помислува на модели како VW Golf, Audi A3, Mercedes A-Class и серијата 1 на BMW. Но, зад овие продажни „шлагери“ постојат уште солиден број други компакти, кои можеби не се посебно популарни на пазарот на користени возила, но тоа воопшто не значи дека тие се лош избор. Пример за тоа е Toyota Auris. Јапонскиот модел не се издвојува посебно со изгледот и некако останува во сенка на бестселерите. Меѓутоа, кога ќе се земе предвид техниката, тогаш Auris брилјира. Првата генерација на моделот (E15) се произведуваше меѓу 2007 и 2012 година и претставува една од најсигурните инвестиции, со цени што стартуваат од 3.000 евра.

Моделите на Mazda веќе одамна се докажани и пазарот ги препознава како издржливи и квалитетно изработени автомобили. Mazda3 со генерации е меѓу моделите со најмалку дефекти според статистиката што ја води познатиот TUV. Поради тоа, цените на јапонскиот компакт се соодветно повисоки. За Mazda3 од генерацијата BL што се произведуваше до 2013 година, не може да се смета на цена пониска од 4.200 евра. Како поминуваат останатите модели од копмпакт класата, следи во продолжение.

Audi A3

New photo by Automedia MK / Google Photos

Добар компакт со проверена издржливост за помалку од 2.000 евра? Audi A3 дури и како користен автомобил е скап. Но, примероците од постарите години веќе може да се најдат за неколку илјади евра. Иако A3 од типот 8P е по патиштата подолго од 15 години, техничарите на TUV немаат посериозни забелешки и за примероците што имаат поминато голема километража. Генерално нема проблеми со протекување масло, но кај примероците што се постари од девет години сепак треба да се погледне подобро • Цена: Од 1900 евра.

Toyota Auris (E15)

Toyota го претстави Auris во 2007 година, како наследник на прочуената Corolla. Покрај тоа што располага со просторна кабина, јапонскиот компакт нуди и висока безбедност. Тој прв во класата почна да се нуди со воздушна перница за колената на возачот. Во технички поглед, тој е беспрекорен. Возила постари од 10 години без проблем го минуваат германскиот технички преглед, односно „добиваат TUV“. Единствено што треба да се провери е функционирањето на паркирната сопирачка, што често е проблем кај Auris • Цена: Од 3000 евра.

Mercedes A-Class

New photo by Automedia MK / Google Photos

Изгледот не е посебно шик, но затоа A-Class (тип W 169) е практична и солидна. Беби-бенцот што се произведуваше до 2012 година добива добри оцени при техничкиот преглед дури и кај постарите годишта. Купувачите на користено возило мора прво да ги проверат сопирачките. Истрошени сопирачки дискови и нерамномерно дејство на сопирачките се познат проблем кај A-Class со нејзините 3,80 метри должина • Цена: Од 1500 евра.

BMW Серија 1 (E81/E82/E87/E88)

New photo by Automedia MK / Google Photos

Серијата 1 на BMW е докажано издржлива. Моделот E81 се произведуваше до 2013 година и при технички преглед покажува далеку помалку дефекти од просекот во класата. Тоа што го забележуваат техничарите на TUV се скршени пружини или кородирани држачи на пружините кај автомобили што се постари од осум години. Наспроти тоа, во поглед на водењето на тркалата, управувањето или во осветлувањето, BMW добива само позитивни оцени. Не се познати проблеми со корозија или протекување масло • Цена: Од 2000 евра.

VW Golf VI

New photo by Automedia MK / Google Photos

VW Golf е апсолутниот продажен хит меѓу компактите. Нема што да се погреши многу со шестата генерација што се произведуваше до 2012 година. Оваа генерација генерално не покажува некој поголем недостаток кај TUV и има достапна цена. Сепак треба да се внимава кај моторите 1.2 и 1.4 TSI, кои имаат проблем со синџирот. Во најлош случај, може да произлезе тотално оштетување на моторот. Најдобро е да се избере користен примерок за кој што сопственикот може да приложи документ дека има го поминато фабричкиот сервисен повик и отстранета е опасноста од кинење на синџирот • Цена: Од 3500 евра.

Mazda3

New photo by Automedia MK / Google Photos

Mazda3 е препорачлив компакт да се купи од втора рака. Поради високиот квалитет и издржливоста, јапонскиот модел е мошне ценет на пазарот на користени возила. Од гледиште на техниката, нема што да се забележи кај генерацијата BL што се произведуваше меѓу 2009 и 2013 година. Процентот на дефекти во секој поглед е понизок во споредба со останатите компакти со иста старост. Најдобри оцени добиваат сопирачките • Цена: Од 4200 евра.

Honda Civic

Honda Civic не се пропушта на улица, поради препознатливата клинеста форма на каросеријата. Ако изгледот не се допаѓа некому, тогаш сигурно ќе го убеди техниката на осмата генерација на мдоелот, што се произведуваше меѓу 2006 и 2011 година. Вистина е дека често се јавуваат проблеми во осветлувањето, но реално тоа не е тешок дефект и се отстранува со куса посета на сервисот. Во секој друг поглед, кај Civic нема од што да се стравува • Цена: Од 3500 евра.

Hyundai i30

Дали се исплатува користен Hyundai i30? Ако се разгледува примерок од генерацијата GD, произведувана меѓу 2011 и 2017 година, мора да се познаваат слабите точки на Кореецот. Една од нив е управувањето, а исто проблемите со сопирачките дискови се јавуваат почесто од просекот во класата. Критика има и за осветлувањето. Но, овие проблеми обично се отстрануваат брзо и евтино. Поинаку е кај претходникот. Генерацијата FD повеќе е меѓу автомобилите што не добиваат препорака за купување • Цена: Од 4900 евра.

Kia Ceed

Користен автомобил што уште е под гаранција? Генерацијата JD од Kia Ceed се произведуваше меѓу 2012 и 2018 година. Моделот привлекува со просторната кабина. При купувањето користен примерок треба да се внимава на сферичните зглобови (споните) во управувањето, како и на цревата и водовите за сопирачките. Има забелешки и за осветлувањето, но при редовно одржување, со овој автомобил не би требало да се појави каков било проблем • Цена: Од 5000 евра.

Ford Focus

Како еден од најпродаваните автомобили во светот, Ford Focus често се среќава на пазарот на користени возила. Кој е заинтересиран за популарниот компакт, може да погледне примерок од третата генерација (2011-2018), но подобро да не избира модел од првите години. Кај возилата стари до пет години, техничарите на TUV немаат многу забелешки. Колку е постар Focus, толку е поголема шансата да се појават проблеми со пружините. Кај постарите модели се покажува дека е послаб квалитетот на издувниот систем • Цена: Од 4500 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во САД приведен возач што пукал во Tesla во возење

Со новиот 308: Два од секои три модели на Peugeot ќе возат на струја