Секторот беше во раст, Шаопенг годинава постигна раст од преку 130 проценти, што беше поттикнато од тоа што светот од една страна покажа зголемен глад за впуштање во ризик, а од друга страна имаше добри прогнози за автомобилскиот бизнис на Кинезите годинава.
Но, дури и кај докажаните производители, како што е Би Уај Ди, се појавија знаци на попуштање, што понатаму ја стави во прашање профитабилноста на индустријата, што постигна брза експанзија.
Акциите на кинеските компании паѓаат.
Сега вниманието се насочува кон тоа, како кинеските производители на електрични возила ќе ја минат следната година. Се очекува дека побарувачката на домашниот пазар ќе се намали, како што се смалува и помошта од државата. Можно е дека профитот дополнително ќе се скусува поради растечките трошоци, а големи се изгледите и дека ќе продолжи беспоштедното соборување на цените, односно попустите за купувачите.
„Очекуваме голема неизвеност околу побарувачката во првото тромесечје во 2026 година, посебно откако во претходните две години државната политика го поттикнуваше купувањето електрични возила, преку откуп на старите возила и замена со нови“, кажа Бинг Јуан, менаџерка за фондови во Едмонд де Ротшилд Асет Менаџмент. Конкуренцијата ќе се засили, а тоа ќе ги изеде маржите и во следната година, додаде Јуан.
Трговците на берзата веднаш им свртеа грб на комапаниите со акции што котираат највисоко, затоа што резултатите не ги исполнија очекувањата. Акциите на Шаопенг паднаа 10 проценти во Хонг Конг, еден ден откако компанијата повторно пријави загуба и излезе со намалени прогнози.
Липмотор, кинескиот партнер на Стелантис, падна на најниско ниво по април, откако профитот беше за дури 65 проценти под вредноста што ја проценија аналитичарите, иако се продадоа речиси двојно повеќе возила.
Ли Ауто и Нио исто така објавија прогнози за профитот и за бројот на испорачани возила што не ги исполнија очекувањата на пазарот. Прогнозите укажуваат на тоа дека ќе биде намалена побарувачката за возила, во периодот што е критичен за производителите на автомобили, коишто се обидуваат да ги постигнат поставените цели за продажбата на возила.
Би Уај Ди и Ли Ауто ги исполнија предвидувањата.
Аналитичарите предвидуваа раст во бројот на испорачани возила до завршетокот на годинава, имајќи предвид дека даноците при купување електрично возило ќе се вратат в следната година, откако нивното повторно воведување беше одложено годинава. Блумберг Интелиџенс предвидува дека растот во продажбата на нови возила во Кина ќе забави од 27 проценти годинава, на 13 проценти.
Џили месецов започна да врши поврат во висина до 15.000 јуани (2.100 долари), за на тој начин да надомести за укинувањето на даночното ослободување. Останатите производители постапија исто, вклучувајќи ги Ли Ауто и Шаоми.
Овие поволности за купувачите, во спој со растечките трошоци за батериите, ќе бидат „пречка за маржите“, оцени Дејзи Ли, менаџерка на фондови во ЕФГ Асет Менаџмент.
Добивката ќе продолжи да трпи притисок, дури и кога компаниите ќе почнат да се откажуваат од жестоката војна со цени и со тоа да одговорат на повикот од Пекинг, да се запре со ценовната војна, додава Ли.
Производителите на поевтини возила, како Би Уај Ди, Џили и Липмотор, веројатно ќе бидат во подобра положба кога пазарот ќе почне да паѓа в година, кажа Шао Фенг, шеф за кинески индустриски истражувања во ЦЛСА Хонг Конг.
„И натаму воочуваме јасен тренд на преоѓање на пониски класи, при што купувачите што порано се решаваа за модели од средна или висока класа, сега преоѓаат на модели од големоволуменски производители“, кажува Фенг. Тие модели се продаваат добро и на пазарите вон Кина, додаде менаџерот.
Некои производители навистина се шират на странските пазари, каде што можат да продаваат по повисока цена, и со тоа си ја зголемуваат маржата. Продажбата на Би Уај Ди на извозните пазари се зголеми тројно во третото тромечје, во споредба со лани. Голем придонес за тоа имаат пазарите во Европа и Латинска Америка. Џили очекува дека продажбата вон Кина ќе ја зголеми за дури 80 проценти в година.
Други бараат шанса за раст во други сектори. Шаопенг планира да почне со масовно производство на хуманоид до завршетокот на 2026, додека Ли Ауто има цел да ги претвори автомобилите во роботи со вештачка интелигенција, судејќи според коментарите за нивните објави околу резултатите од бизнисот.
За тие напори да се исплатат, треба да мине долго време. Сегментот на електричните возила во Кина, засега има несигурни прогнози.
„Инвеститорите не се подготвени да ги зголемат вложувањата во овој сектор, без да имаат јасна слика за политиката во 2026 година“, кажуваат аналитичарите на УБС Секјуритис Азија. „Го следиме секторот внимателно, посебно компаниите што ги надминаа прогнозите за време на државните стимулации.“
















