за

Што го движи извозот на Кина и зошто нивните електрични автомобили се поевтини?

Истрагата на ЕУ може да води кон повисоки царини за увозот од Кина, со цел европските производители да се заштитат од поевтините електрични автомобили.

Огромната фабрика на Tesla во Шангај произведе повеќе од 700.000 автомобили во 2022 година, што е половина од вкупната продукција на американската компанија.

Европската Комисија во средата поведе истрага, којашто е можно да води кон воведување казнени царини, заради заштита од увозот од евтини електрични автомобили од Кина. Унијата се сомнева дека државата учествува во вештачкото намалување на цените на кинеските електрични автомобили, со исплаќање масивни субвенции за производителите.

Главните прашања за потегот што предизвика опаѓање на вредноста на акциите на кинеските прозиводители во четвртокот:

Зошто се извезува во Европа и зошто извозот порасна во толкава мера?

Главната причина за Кина да почне офанзива со извозот на автомобили е смалената побарувачка за електрични автомобили во земјата и загрозувањето на рентабилноста на фабриките коишто се проектирани за многу поголема продукција.

Бил Русо, извршен директор на консултантската куќа Аутомобилити, со седиште во Шангај, цени дека производствениот капацитет на фабриките во Кина ја надминува побарувачката за околу 10 милиони автомобили годишно. Тоа се две третини од вкупната продукција во сите фабрики во Северна Америка во 2022 година.

Европа стана главен извозен пазар за кинеските марки. За тоа дополнително помогнаа и строгите норми во Унијата во поглед на емисијата на штетни материи, како и релативно пријателските трговски односи меѓу Стразбур и Шангај. Наспроти тоа, трговските односи меѓу Кина и САД се влошуваат постојано.

Извозот на батериски електрични и приклучни хибридни автомобили од Кина во ЕУ во првите седум месеци од 2023 година се зголеми за 112 проценти. Во споредба со истиот период во 2021 година, растот изнесува 361 проценти.

Европската Комисија вели дека кинескот удел во продажбата на електрични автомобили во Европа се зголемил на 8 проценти и се предвидува дека уделот ќе достигне 15 проценти до 2025 година.

Зошто електричните автомобили што се произведуваат во Кина се поевтини?

Кина произведува електрични автомобили поевтино од која било друга земја во светот.

Главната причина за тоа е повеќедецениската политика на потпомагање на индустријата по пат на повластици и субвенции. Тоа овозможи Кина да прерасне во најголем пазар за електрични автомобили во светот, но помогна и земјата да го контролира глобалниот синџир на набавки за производството на електрични возила, вклучувајќи ги и суровините.

Електричните автомобили што се произведени во Кина обично се поевтини за околу една петина од моделите од европско производство, цени Европската Комисија.

Истата политика помогна да се создадат гигантите во индистријата, како што се најголемиот производител на батерии за електрични автомобили во светот CATL и BYD, којшто годинава ја престигна Volkswagen Group како концерн со најголема продажба на возила во Кина.

 

Предностите што ги нуди Кина во поглед на трошоците и синџирот на набавка ги поттикна странските компании за сами да почнат со производство на автомобили во земјата.

Најверодостоен пример за тоа е Tesla, чијашто огромна фабрика во Шангај во 2022 година произведе повеќе од 700.000 возила, што е половина од вкупната продукција на американската компанија.

Renault и BMW исто така произведуваат автомобили во Кина, коишто се наменети за извоз.

Кон што цели истрагата на ЕУ?

Истрагата на ЕУ против субвенциите се однесува на батериските електрични автомобили што се произведени во Кина, а тоа ги вклучува и странските компании што произведуваат во земјата.

Најголем извозник е Тesla, којашто учествува со 40 проценти во извозот на електрични автомобили од Кина во периодот од јануари до април.

Меѓу популарните марки што се извезуваат од Кина во Европа се вбројува и шведскиот Volvo, во сопственост на Geely, како и марката MG, којашто е дел од компанијата SAIC, во државна сопственост.

Останатите компании, меѓу кои BYD, Nio и Xpeng, исто започнаа да го прошируваат своето присуство во европските земји, посебно во Холандија и Данска.

Какви субвенции добиваат производителите во Кина?

Кинеските државни субвенции за електрични и приклучни хибридни возила достигнаа вредност од 57 милијарди долари, во периодот меѓу 2016 и 2022 година.

Најпознатата кинеска програма за субвенционирање на електрични автомобили имаше за цел да го поттикне купувањето електрични возила. Субвенциите им се исплаќаа на производителите во моментот на купување на возилата. Субвенционирањето почна во 2009 година, по што постепено се смалуваше на висината на субенциите, сé до конечното запирање со програмата во минатата година.

Со програмата беа исплатени 15 милијарди долари до 2021 година, за да се поттикне купувањето електрични возила.

Во јуни, Кина воведе пакет на даночни ослободувања во вредност од 72 милијарди долари, за период од четири години. Целта е да се поттикне продажбата на батериски електрични автомобили и возила со друг вид на погон со ниска емисија на штетни материи.

Локалните власти продолжија да нудат посебни повластици со цел да привлечат инвестиции во нови фабрики, а се нудат и субвенции за купувачите. Тие се зголемуваа во изминатите години, како што економијата забавуваше.

ЕУ кажа дека истрагата е насочена кон широк спектар од субвенции со коишто се прекршува фер-конкуренцијата, почнувајќи од цените за суровините и батериите, до повластени кредити и ниски провизии.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Возачите на G 63 AMG добиваат соодветен часовник од IWC Schaffhausen

Toyota Land Cruiser 250 имаше европска премиера на буш-такси собирот во Тиринген