за

Ковид-мерка: Работниците се и станари во фабриките на Volkswagen и Bosch во Кина

Вработените во фабриките на Volkswagen, Bosch и Foxconn во Ченгду, Кина, не си заминуваат по завршувањето на смената, туку остануваат во кругот на фабриката. Тоа се случува во време кога градот се наоѓа во ковид-локдаун.

Кина производство автомобили

Вработените во фабриките на групацијата Volkswagen, добавувачот Bosch и гигантот во лон-производството Foxconn, во кинеската метропола Ченгду, остануваат во кругот на фабриката по завршувањето на смената и таму го продолжуваат своето секојдневие. Градот со 21 милиони жители воведе локдаун за да спречи масовен бран на ковид.

Фабрикaта на Volkswagen што е заеднички проект со локалниот партнер FAW, воведе таканаречен „closed loop system”, со цел производството да не се прекинува. Bosch исто така се префрли во систем на работа closed-loop во две свои фабрики, за производство на електрични алати и делови за автомобили во Ченгду. Администрацијата работи дома. Foxconn, главен чинител во монтажата на уреди на Apple, ја примени оваа метода што е невообичаена надвор од Кина, во својата фабрика за изработка на iPad.

Системот на „затворен јазол“, односно closed loop, што уште се нарекува и „фабрички меур“, првпат беше применет за време на Зимската Олимпијада во Пекинг. Целта беше спортистите и помошниот персонал да се раздвојат од пошироката популација. Примената на овој систем во индустријата има за цел, стопанството да продолжи да работи, додека во исто време се на сила строги мерки за спречување на ширењето на ковид.

Затворениот јазол се состои во тоа што вработените патуваат од своето престојувалиште во кругот на фабриката до своето работно место, избегнувајќи контакти со надворешниот свет. Редовната проверка за ковид исто така е суштински дел од системот. Во ковид-бранот во почетокот на годинава, вработените во фабриката на Tesla во Шангај дури и преспиваа на подот на фабриката.

Фабриките мора безусловно да продолжат да работат, затоа што локдаунот во Ченгду следи само неколку денови по кризата со електрична енергија, кога производството мируваше целосно во период од две недели. Државата тогаш даде приоритет, електрична енергија да се обезбеди првенствено за населението.

Ченгду се соочи со три катастрофи летово: Прво суша, потоа поплави, сега ковид

Економијата во Ченгду летово се соочи со три катастрофи – со суша, поплави, а сега и со ковид-локдаун. Индустријата во градот учествува со 1,7 процент во бруто домашниот производ на Кина. Властите во Пекинг препорачуваат компаниите да преоѓаат на работа во затворен јазол, доколку нивната работа е клучна за заедницата.

Колку што системот на затворен јазол помага да се задржи синџирот на добавувачи, толку тој предизвикува и незадоволство меѓу вработените. Тие се жалат за лошите услови за живот и за работа.

Ченгду е престолнина на провинцијата Сечуан и најголем град е што се затвора во борбата против ковид, откако Пекинг се најде во двомесечен локдаун, од крајот на март. Градот е воедно и регионален индустриски центар на југозападна Кина. Оттаму се снабдуваат и фабриките на автомобилските гиганти Geely (Volvo) и Toyota.

Во Кина годинава ќе се продадат 6 милиони електрични автомобили

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Норвешки возачи на Tesla штрајкуваат со глад

Германскиот пазар првпат расте по шест месеци во пад