за

Kia Sorento PHEV на тест во Ауто Билд: На струја 49 километри, потоа бензин

Новиот Kia Sorento е достапен со три различни видови погон. Германскиот магазин ја имаше на тест возење изведбата со приклучен хибриден погон.

Фото: АУТО БИЛД
Фото: АУТО БИЛД

Kia Sorento веќе масовно работи на пазарот, а се очекува наскоро да стартува и на македонскиот пазар. Престижниот СУВ-модел на Kia веќе беше еднаш на тест во германскиот Ауто Билд, во хибридна изведба. На вториот тест е изведбата со приклучен хибриден погон.

Корејците го нудат својот престижен СУВ-модел во најразлични погонски варијанти: Дизел, самополнечни хибрид и приклучен хибрид. Ауто Билд направи кус тест на Kia Sorento 1.6 T-GDI PHEV, односно на верзијата што располага со приклучок за полнење на батеријата. Математиката им излегува одлично на купувачите на моделите со овој вид погон во Германија (и не само таму, но не и кај нас), затоа што следат 6.000 евра т.н. иновациска премија. Толку изнесува субвенцијата, во којашто учествуваат германската држава и самите производители на автомобили. Дополнителна корист имаат фирмите, затоа што при користење возило со приклучен хибриден погон како службен автомобил, за него плаќаат двојно помал данок (0,5 место еден процент од нето-цената).

Мајсторите на автомобилското новинарство пишуваат: „Плагинот би требало да го засени самополнечкиот хибрид, кој е одлично погоден и штедлив е на отворено, а посебно во град.“ Класичниот хибрид во претходниот тест на Ауто Билд трошеше меѓу осум и девет литри на сто километри. Поради субвенцијата, приклучниот хибрид е дури за 330 евра поевтин од изведбата со самополнечки хибрид.

Само модел за штедење на даноци? Тоа би било неправедно се каже“, опишуваат Германците. Во споредба со самополнечкиот хибрид, оваа изведба со приклучен хибриден погон добива поголема поддршка од електромоторот. Турбо-бензинецот од 1,6 литар во Sorento PHEV работи во комбинација со електромотор со 91 КС и 304 Nm, место со 60 КС и 264 Nm како во самополнечкиот хибрид. Покрај тоа и батеријата е значително поголема, со 13,8 наспроти 1,49 kWh. Од тоа произлегува и за нијанса подобар спринт, со 8,7 секунди од нула до 100 km/h (хибридот спринтува за 9,0 s).

Kia Sorento PHEV со 265 КС е најсилната погонска варијанта на големиот СУВ-модел

Погонската тхеника ја сочинуваат четирицилиндарец со 180 КС, со напредна техника и со варијабилна работа на вентилите, со спојка и електромотор во заедничко куќиште, со мек шестстепен автоматик со претворач на вртежен момент и со погон на сите тркала со ламелна спојка.

Ауто Билд на тестот извозе 49 километри чисто на струја, иако поголемиот дел од тоа растојание било поминато по автопат. Бидејќи електрониката сака да го разбуди бензинецот над 120 km/h, додека Kia ветува дека тоа ќе се случи на 140 km/h, германскиот колега при проверката на досегот не возел побрзо од тоа темпо. Бензинецот се вклучува кога наполнетоста на батериајта ќе падне под 25 проценти.

Sorento PHEV отстапува во две работи: Поради тоа што техниката зафаќа повеќе простор, резервоарот собира само 47 литри, односно 20 литри помалку од останатите верзии на моделот; Тежината на приколка се смалува на 1.500 килограми, додека хибридот смее да влече до 1.650 килограми, а дизелот (стандардно со менувач со двојна спојка) до 2.500 килограми.

Ауто Билд посочува дека при префрлување на погонот во штедлива програма се оневозможува вклучување на погон на сите тркала. Затоа возачите треба да внимаваат да не ја користат еко-програмата, кога при снег на патот треба на пример да искачат поголема нагорнина.

Заклучокот на Ауто Билд: Оваа верзија е за директори во службено возило и за тие што сакаат да го приклучуваат возилото на полнач. Кој не е расположен често да ја полни батеријата, треба да се реши за самополнечкиот хибрид, додека за тие што возат на долги релации е незаменлив дизелот.

Технички податоци Kia Sorento 1.6 T-GDI PHEV • Мотор: Четири цилиндри, турбо (132 kW/180 КС) + E-мотор (67 kW/91 КС) • Зафатнина: 1598 cm³ • Системска моќност: 195 kW (265 КС) • Системски вртежен момент: 350 Nm • Погон: на сите тркала, семи-постојан• Должина / Ширина / Висина: 4810/1900/1700 mm • Празно возило: 2015 kg • Багажник: 693-2077 l • 0-100 km/h: 8,7 s • Vmax: 193 km/h • Потрошувачка (WLTP): 1,6 l S/16,1 kWh • Емисија CO2: 36 g/km.

Kia Sorento е најдобриот автомобил на годината за CarBuyer

>>> Новиот Sorento ѝ ја донесе 47-та победа за дизајн на Kia

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Големиот електричен Volkswagen е само за Кина

Твинго Куп: Фантастичен резултат на Македонците на Хунгароринг