за

Новиот Sorento личи како да е премиум бренд на Kia

За новиот Kia Sorento се зборуваше многу уште пред да стартува со продажба на нашиот пазар. Марката во меѓувреме направи уште едно унапредување на своите вредности и доблести, и истите се забележливи јасно во големиот СУВ, што важи за знаменосец во европската понуда на Kia.

Како да се направи еден СУВ од средна класа да се издвојува во густа пазарна понуда, којашто ја сочинуваат 67 модели од 33 марки, вклучувајќи посебно ценети модели од премиум марки, па дури и некои егзотични марки од рангот на Tesla или Aiways, чиишто автомобили возат чисто на струја? Одговорот: Направи СУВ-моделот од средна класа да биде Kia. На пример, Kia Sorento.

Во салонот на Kia во Скопје деновиве е како на големите автомобилски салони во Женева, Франкфурт или Париз. Исто како што луѓето при посета на тие празнувачки собири на автомобилската бранша се одушевуваат кога првпат ќе се најдат очи во очи со исполираните нови модели кои ја зрачат енергијата на светска премиера, така и при првата средба со новата Kia Sorento се случува такво одушевување.

Четвртата генерација на големиот СУВ што на македонскиот пазар го познаваме во сите претходни генерации уште од 2002 година, досега има гостувано многупати во содржините на Аутомедиа, што поради награди за дизајн, што поради награди за автомобилот во целина, на избори за автомобил на годината во Британија, Германија, САД, насекаде ширум светот. Уште пред Sorento да се појави во салонот на македонската Kia, беше сосем јасно дека станува збор за нешто посебно.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Носот на автомобилот изгледа импозантно, фасцинантно, импресивно, сите оние фрази и флоскули со коишто луѓе само ќе се изнамачат да го опишат изгледот, тука важат апсолутно. Опишано во најкуса форма, Sorento изгледа различно во секој детал, од отворите во маската, преку рабовите што доаѓаат отсекаде, до светлата и до изненадувачките агли под кои што се наоѓаат некои елементи во изгледот.

Kia Sorento оддава впечаток на луксузен СУВ, но без оние тешки детали, свеж и технолошки на највисокото ниво

Sorento личи „премиум“, личи скапо, вешто дизајнирано и скапо произведено, цврсто, самоуверено, некаде филигрански фино, некаде теренски грубо. Иако дизајнот по традиција е силно подрачје на Kia и овој изглед на најмалку треба да изненади, Sorento пак изненадува. Директорот Владимир Билбилов одамна ја има скроено стратегијата, дури и самите бевме сведоци на момент кога се „раѓаше“ Sorento за македонскиот пазар, кога при едно интервју, на работна табла беа напишани клучните моменти за тогаш идниот модел. Овојпат Билбилов ни откри и детали од стратегијата: „Sorento како модел отсекогаш сме го имале во понудата, но поради познатите услови на пазарот во последните години, ретко сме го издвојувале на посебно место. Тоа ќе се промени драстично со новиот модел. Sorento отсега ќе биде редовен дел од понудата на Киа Моторс Македонија и ќе направиме пазарот да биде постојано свесен за постоењето на овој модел.“

Разбирливи се овие стратешки потези. Kia Sorento во својата четврта генерација испраќа јасна порака дека е дојден да се натпреварува со премиум моделите. Големиот СУВ со леснотија ги става во сенка уште поголемите модели од него, конкретно оние од плацевите со „преискористени“ автомобили, со цена колку половина нов градски автомобил и практично со забрана за регистрирање „по Европа“ поради штетниот издув, кои можеби некого и би можеле да излажат дека станува збор за престижен автомобил.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Kia Sorento со цената на основниот модел од 44.500 евра би можело да се стави во конкуренција со Skoda Kodiaq. Меѓутоа, мала е веројатноста дека овие два модели ќе се свртат еден против друг. Повеќе може да се очекува Sorento да „напаѓа“ кон премиумот, кон оние марки што од премиумот ја имаат само цената, но не и содржината, од типот на Range Rover Velar, Jaguar F-Pace & Co. Во споредба со Mercedes GLC, BMW X3, Audi Q5, Volvo XC60 или Lexus RX, каросеријата на Sorento е подолга за петнаесетина сантиметри, без тоа да се рефлектира негативно во тежината. Денес, тоа укажува на голема примена на челик со висока цврстина и вешт инженеринг.

Засега погонската понуда ја сочинува само изведбата со дизел мотор, наскоро треба да се придружи и изведбата со приклучен хибриден погон и 1,6-литарски бензинец со системски 265 КС

Доказ дека (и) во оваа Kia работи премиум дава и моторот. Познатиот 2,2-литарски дизел во „суперваријанта“ за да исполни Euro 6d-full, со своите 202 КС и 440 њутнметри му парира на дволитарскиот дизел на Mercedes GLC со 194 КС и 400 њутнметри. Исто важи и при споредба со X3 или Q5, и секако дека не е „грев“ да се направи таква споредба. Ова е премиум материјал.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Kia Sorento од генерацијата MQ4 во споредба со претходникот од генерацијата UM е полесен за стотина килограми, иако е еден сантиметар подолг и еден сантиметар поширок, влече 2,5 место 2,0 тони, при возење создава 69 dB бучава место 74 dB (логаритамска големина, тоа е неколкукратно намалена бучава), троши четири децилитри помалку и испушта 10 грами СО2 помалку.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Драстична разлика има во безбедносната опрема. Sorento IV доаѓа до воздушна перница меѓу предните седишта, предупредување и самостојно запирање при опасност од судир, но и со диодни светла, радарски темпомат што подзабавува и забрзува самостојно, препознавање пешак, велосипедист на пат, дење, ноќе, препознавање замор, систем за следење лента, автоматско долго светло, па и препознавање возило што наидува од попречен правец пред да се влезе во крстосница и сл.

Sorento официјално припаѓа во средната класа во СУВ сегментот, меѓутоа „влече“ кон вишата класа – познат е споредбениот тест во Шпанија, во којшто Kia возеше „против“ Volvo XC90

Осумстепен менувач со двојна спојка е стандард, исто и погон на сите тркала. Македонската Kia нуди три нивоа на опрема, EX Premium во три градации. Колку изобилно е опремен Sorento сведочи и фактот што е сменет форматот на ценовникот. Задна камера и паркинг сензори насекаде се стандард во секој Sorento што ќе излезе од салон, исто и пристап и старт на мотор без клуч, автоматски двозонски клима-уред, инфо-забавен систем со дисплеј од 8 инчи, електрична паркирна сопирачка, електрика за возачко седиште, собирање на ретровизори, хромирани украси на каросеријата, кровни шини, алу-тркала од 18 инчи со гуми 235/60, затемнети задни стакла и уште низа ставки. Тоа е стандард уште во основното ниво EX Premium 1 со цена од 44.500 евра.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во второто ниво со цена од 49.950 евра, за разликата од 5.460 евра, Sorento поседува уште систем за полуавтопилотирано возење, команди за менувач зад воланот, самстојно паркирање, дигитални инструменти од 12,3 инчи, средишен дисплеј со пренчик од 10,25 инчи и навигација, безжичен полнач за телефон, греење на воланот, меморија за возачкото седиште, кожени седишта со грејачи, електромотор за задниот поклопец, предни светла со двојна диодна технологија. Примерокот што деновиве е изложен во салонот е токму во ова ниво, со панорамски покрив како опција.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Врвната изведба веќе несомнено уверуива во премиум духот на автомобилов. За 59.950 евра, Sorento EX Premuim 3, опремен е уште со самостојно запирање кога од попречен правец наидува возило при излегување наназад, 360-степени приказ на возилото при паркирање, слика од задна камера што се прикажува во инструментите кога има возило во мртов агол, далечинско паркирање, проекциски дисплеј, преклопливи седишта во трет ред и контрола на клима уредот, врвно озвучување Bose со сабвуфер, мека напа-телешка кожа на седиштата со вентилација напред, плус грејачи назад и алу-тркала од 19 инчи со гуми 235/55.

Кај Sorento целосно отсуствува помислата за одреден детал да се спореди дека изгледа слично со некој друг автомобил – ова е Kia

Многу изненадувања има во автомобилот. Вреден детал се амбиенталните звуци што возачот може да ги пушти по расположение. Место музика може да се слушаат морски бранови, птици, газење во снег. Тоа што убедува не е постоењето на оваа можност, туку квалитетот на звукот – иако не станува збор за врвното озвучување.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Новина претставува и ракувањето со вртливиот бирач за возење по терен, со неколку различни програми на координирана работа на моторот, системите за стабилност именувачот, зависно од подлогата по којашто се вози. Исто може да се избира и меѓу четири различни прикази на дигиталните инструменти. Еден од бројните детали што ги има само во Kia е светлосната „шара“ во делот од облогата на вратата под ретровизорите.

Посебен дух создава и американското влијание во концептот на Sorento. Овој модел сепак се продава масовно и во САД и Канада, традиција и на претходните генерации, и генерално на марката. Тоа важи најмогу за деталите околу практичноста и функционалноста. За разлика од американската школа, тука Kia има додадено многу детали што ја облагородуваат средината. Sorento соединува неколку различни школи и ги претора во моќна средина.

Sorento навистина е модел што повторно менува многу во марката што и последниот пат исто менуваше многу. Тоа е моќта на изненадување на Kia. Во меѓувреме, додека го привршуваме фотографирањето и се подготвуваме да се поздравиме со луѓето во Kia, директорот веќе е седнат лично да разговара со еден млад ентизијаст, кој пред малку влезе во салонот и заинтересиран е за нивото GT Line кај кросоверот XCeed, очигледно подготвен одлично уште однапред со сите детали околу возилото. Развижено е во салонот, има луѓе. И тоа е Kia.

>>> Kia Sorento со награда за СУВ на годината од What Car

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Škoda ја зголеми продажбата за 7,2% во првиот квартал

Škoda ја зголеми продажбата за 7,2% во првиот квартал

Тренески најдобар од македонските „твинговци“ на „Словакиа Ринг“

Тренески најдобар од македонските „твинговци“ на „Словакиа Ринг“