за

Kia Rio победник на споредбен тест со Opel Corsa и Renault Clio

споредбен тест киа рио опел корса рено клио ауби
споредбен тест киа рио опел корса рено клио ауби

Во класата на градските автомобили се случија бројни генерациски смени лани, уште многу нови модели претстојат во текот на годината. Некои од најголемите играчи во оваа класа веќе настапуваат свежи во конкурентската битка. Германскиот магазин АУТО БИЛД соочи три модели, што обично се наоѓаат на првото или барем на највисоките места, кога се прави список за избор на автомобил. Во целосна форма и во македонски превод, го пренесуваме споредбениот тест на Kia Rio, Opel Corsa и Renault Clio. Како и секогаш, германскиот магазин АУТО БИЛД наведува вредни факти, ова не е тест од типот „се сликавме и многу убаво си поминавме“.

Време е за новата Opel Corsa да се докаже против конкуренцијата. На споредбениот тест, таа се соочува со свежиот Renault Clio и со корејскиот крал на гаранциите Kia Rio.

Последна! И поразена. Таков беше исходот за старата Corsa, по нејзиниот последен споредбен тест. Тоа беше во октомври 2017 – и не беше за чудење. Opel во тоа време уште ја користеше техниката на Fiat Punto. Тука настапува Corsa F. Таа е конструирана врз платформата CMP, каква што на пример користи Peugeot 208. Од 2017 година, Opel е дел од PSA, значи од Peugeot Citroen. Двата останати модели исто така не се сами. Renault Clio ја споделува техниката со Nissan Micra, додека Kia Rio има иста техника со Hyundai i20.

Новата Corsa настапува со впечатлив дизајн

Со широката и надолу развлечена маска, со ниската силуета и со задниот столб што е закосен нанапред, новата Corsa изгледа убаво. Кокпитот исто така е изведен сериозно и педантно, а големите аналогни инструменти се читаат добро. Дисплејот од 7 инчи ни е познат од Peugeot и тука важи истото: Дисплејот на допир реагира забавено, иконите за ракување се премногу ситни. Напред и назад, Corsa нуди исто простор колку Renault, меѓутоа во Kia има значително повеќе простор. Друго што се забележува напред е тесниот простор за стопалата, со педали што се поставени премногу блиску. Проблематично е кога ќе се вози со широки обувки. Назад, пак, дури и за стандардот на класата, мошне е тесно. Седењето е непријатно за возрасни патници, поради ниската поставеност на задната клупа и кусата седечка површина. Багажникот собира 309 литри, во Kia се 325, а во Renault дури 391 литри.

Трицилиндарецот во Kia е моќен и темпераментен

Во Clio сепак пречи мошне високиот товаран раб од 27 сантиметри. Тоа може да биде тежок предизвик за прешлените. Исто како во Opel, недостига под што се мести по висина. Clio е среден шармантно, инструментите се читаат беспрекорно, што не било секогаш случај во Renault. Дисплејот на допир од 7 инчи има убава графика, но има и подобра логика од дисплејот во Opel. Во Clio е сосем доволна просторноста напред, но назад е зачудувачки тесно, исто како во Corsa. Тоа не е најпрепорачливо место за возрасни патници. Задната клупа е поставена уште пониско отколку во Corsa. Во поглед на просторноста, Kia е убедливо најдобра. Тоа важи особено за задната клупа. Не може да се каже дека човек ќе се луксузира во просторот, но високите патници тука седат попристојно и поудобно. Rio е изработен прегледно и темелно, со солидна завршница. Ракувањето е јасно, како секогаш. Вистински благодет.

Во Kia работи 1,0-литарски трицилиндарец. Со 120 КС, тој е далеку помоќен од агрегатите на конкуренцијата со нивните 100 КС. Моторот ја искористува оваа предност, реагира подинамично и далеку е потемпераментен. Тој работи малку погласно od Corsa и Clio, звучи моќно. Поради повисоката моќност, со неговите 7,0 литри, тој на тестот трошеше околу еден литар над Corsa (5,9) и Clio (5,7 литри).

Во трошоците, Clio ги победува конкурентите на тестот

Kia Rio е дотеран сериозно, лесно е управлив и секогаш предвидлив, со директно и прецизно управување. Амортизацијата сепак можело да реагира малку почувствително. Clio во тој поглед е подобар. Французинот амортизира помеко од двајцата конкуренти, вози попријатно и не може да се натера на спортско возење. Последново сигурно не може да се постигне со управувањето што делува премногу вештачки и се чувствува како да врти во тесто. Еднолитарецот со 100 КС добро се надоврзува на таквиот карактер на возилото. Моторот е потивок од Opel и Kia, но во споредба со нив изгледа како да е придушен. Единствено Clio има петстепен менувач. Тоа е необично, а згора на тоа, петтиот степен е предолг за малечкиот мотор. Opel со 1,2 литар ја има предноста на поголемата работна зафатнина и навистина повлекува најсилно. Трицилиндарецот со 100 КС не работи најтивко, звучи остро и реагира добро на гасот. Подвозјето е погодено на карактерот. Corsa амортизира круто, енергично реагира на попречни нерамнини, вози лесно и добро управливо. Управувањето реагира директно и работи прецизно.

Во конфигурацијата на тестот, Corsa чини 20.730 евра (сите цени и податоци за опремата важат за германскиот пазар), Rio следи со 21.840 евра. Kia, како и секогаш, доаѓа со седумгодишна гаранција. Renault наплатува поволни 17.840 евра за Clio.

Заклучок:

Новата Opel Corsa се враќа во добра форма, изгледа убаво и вози исто така. Но, тоа е недоволно за првото место. Таму е обезбедено местото за Kia Rio, кој е промислено изработен и практичен. Внимание заслужува и комфорниот и шармантен Renault Clio.

1-во место со 500 од 750 бодови: Kia Rio 1.0 T-GDI 120

Просторен и со комплетна опрема. Возните својства се добро избалансирани, гаранцијата трае седум години. Цена: од 19.750 евра (Во Македонија од 13.090 евра со истиот мотор – кон ценовникот на Киа Македонија)

2-ро место со 488 од 750 бодови: Opel Corsa 1.2 Direct Injection Turbo

Новиот модел е погоден. Моторот е темпераментен, подвозјето и управувањето одговараат. Назад е тесно. Цена: од 13.990 евра (ценовникот за македонскиот пазар не е објавен)

3-то место со 475 од 750 бодови: Renault Clio TCe 100

Впечатлив дизајн, со овој мотор вози опуштено. Малку простор назад. Цена: од 16.440 евра (Во Македонија од 14,990 евра со мотор TCe 100)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen T-Roc Cabriolet

Кабриолетот од VW T-Roc доаѓа од истата фабрика со Beetle Cabrio

полначи за електромобили британија супермаркети

Супермаркетите во Британија поставиле над 1.000 полначи за електромобили