за

Во овие земји не смее да се носи кантичка со гориво

кантичка гориво

Возачите кои планираат да понесат резервна кантичка со гориво на пат на летен одмор во странство, претходно треба да се информираат околу правилата што важат во другите земји. Во повеќето држави е ограничена максималната количина гориво што смее да се носи како резерва во возилото. Во други држави, пак, постои забрана за носење резервно гориво во автомобилот. Тоа е случај во Бугарија, Грција, Хрватска, Луксембург и Романија. Честопати и на траектите постои забрана за носење дополнително гориво

Во зависност од државата, максималната количина на гориво се движи меѓу пет и 25 литри. Во Италија, Холандија, Австрија, Португалија, Словенија и Чешка, во возилото не смее да се наоѓаат повеќе од десет литри гориво за резерва. Истото ограничување важи и во Белгија, Данска, Франција, Летонија и Шпанија. Во Турција, Швајцарија и Лихтенштајн, во автомобилот може да се наоѓаат дури 25 литри дополнително гориво.

Заради безбедност, во возилото не треба да се чуваат повеќе од десет литри гориво. Местото на кантичката е во багажникот, кадешто таа треба безбедно да се прицврсти за да се избегне нејзино превртување или пролевање, како и оштетување при допир со останатите предмети во багажникот.

Секако дека кантичката не смее да се полни до врв, затоа што горивото се шири на топло и може да се прелее. Не е на одмет да се стави налепница, за да се укаже на содржината во кантичката и да се исклучи можноста од забуна.

За сé да биде по норма, кантичките треба да исполнуваат DIN 7274 или 16904. Тоа значи дека истите поседуваат чепови што не пропуштаат, отпорни се на кршење и имаат заштита за деца. Транспорт на гориво во туби за вода или шишиња е забранет. Се препорачува пластичните канистри да се заменат по пет години, затоа што пластиката скрутува од УВ-зраците, температурните промени и од самото гориво. Металните канистри, пак, може да кородираат и поради тоа да протечат. Се подразбира дека и горивото треба да се замени, затоа што и бензинот и дизелот се подложни на промени со текот на времето. Затоа е најдобро кантичката да се наполни пред поаѓањето на одмор и горивото да се потроши пред завршувањето на патувањето.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Хамбург награда БАН

САД го наградија Хамбург за забраната за сообраќај

Ford Ecosport Russia

Русија започнува со производство на Ford Ecosport