Постојат безброј примери што сведочат за генијалниот маркетинг на Џип. За марка со таков култ како Џип, секако дека нема да се рекламира колкав е дисплејот и дали има камера што чита знаци. Овојпат се посегна по Монополи. Со парите од прочуената игра, може да се отиде во салон и таму да се добие попуст од 500 долари при купување нов Гранд Чероки. Но, има и многу повеќе од тоа.
Намерниците по нов автомобил во САД ќе бидат привлечени од новата реклама на Џип. Во соработка со Хасбро, фабрика за игри, осмислена е кампања што предвидува 500 монополи-пари да се претворат во вистински 500 долари, при купување нов Гранд Чероки.
Тоа е само вовед во големата наградна игра, во којашто се вклучува и Мекдоналдс. Вкупно 10 возила Џип Гранд Чероки од 2026-то моделско годиште се главната награда во Монополи Гејм ет Мекдоналдс. Првпат по пауза од близу десет години, се враќа на сцената оваа некогаш прочуена соработка меѓу Џип и веригата за брза храна.
За учество во играта (во САД) е потребно да се симне апликацијата Монополи Гејм ет Мекдоналдс и да се нарача храна. Потоа се појавува виртуелна налепница на екранот на телефонот, што треба виртуелно да се одлепи и се дознае добивката.
Нарачаната храна исто така доаѓа со заштитна фолија под којашто се крие добивката. Со скенирање при секоја наредна нарачка се добиваат нови бодови, а со тоа се зголемува и шансата за добивка, меѓутоа главната награда останува за сите: Еден од 10 примeроци Гранд Чероки 4х4, секој вреден по 52.500 долари.
Наградниот фонд вклучува и шест кануа од по 5.000 долари, 50 детски колички вредни 250 долари и 50 полски кревети вредни по 56 долари, сите со знакот на Џип.
















