Оваа машина поправа дупка на патот за 8 минути

Со соединување на три функции во една машина се овозможува поправката на дупка на патот да трае само 8 минути. За цел ден, JCB Pothole Pro, или „професионалец за ударни дупки“, може да обработи до 250 метри квадратни оштетен асфалт. Поправка на една дупка чини 30 фунти или околу 2.150 денари.

Компаниите и институциите што се задолжени за одржување и обновување на патиштата во Македонија не се особено прославени со својата вредна и навремена работа. Зимата беше блага, но не до толку да не остави траги во асфалтот. Новите ударни дупки по улиците и патиштата остануваат нетретирани, опасностите демнат насекаде. Оштетување на возилото, нагло сопирање и создавање критична ситуација, избегнување дупка со преоѓање на спротивната лента, невнимавање на пешаците и велосипедистите – тоа се само дел од последиците што произлегуваат од ударните дупки.

Тие „работат“, односно продолжуваат да се шират. Кусо за начинот на којшто се создаваат ударните дупки. Водата што се создава од топењето на снегот или од дождовите во рана пролет, кога температурите ноќе пак паѓаат под точката на мрзнење, при ниска температура се шири во пукнатините во коишто навлегува и предизвикува пукање и ширење на пукнатината. Од ден на ден, таа станува сé подлабока и поширока.

Британските специјалисти за градежна машинерија JCB секогаш имаат по некоја новина во понудата. Овојпат станува збор за Pothole Pro. Машината соединува „три во едно“, односно сечење на асфалтот, ископ на асфалтот и чистење. Нема потреба од три машини, „професионалецот за ударни дупки“ работи сé.

Со новата машина на JCB се намалува и потребата од работен персонал. Се скусува работата, трошоците се смалуваат. Нема потреба прво еден работник да го исече асфалтот, па потоа неколку работници со удирање да го искршат асфалтот и на крај да го отстранат истиот, па да ја исчистат дупката. Обична ударна дупка се поправа за 8 минути. Не станува збор за привремено, туку за трајно решение. Единствено треба да се нанесе асфалт.

Според пресметките на JCB, поправката на метар квадратен површина чини 29,28 фунти, односно одвај нешто повеќе од две дневни сметки во супермаркет. За еден ден, машината може да обработи вкупно 250 метри квадратни. Не постои поевтин начин за поправка на ударни дупки со трајно решение. Pothole Pro се движи со 40 km/h, така што и самиот не предизвикува застој.

Уште една важна работа – иако кај нас синдикалните функционери уште се борат за такви права – претставува одличната заштита при работа. Операторот на машината не е изложен на опасност да биде повреден додека работи од возилата што минуваат околу, затоа што тој седи безбедно во кабината. Видливоста е неограничена, управливоста е врвна, затоа што двете оски се управувани.

Различно од тоа што „ни кажуваат“, машина од овој вид чини 130.000 фунти.

Претходна објаваPeugeot дизајнерска облека под знакот на спортската марка PSE
Следна објаваMercedes EQT е возило за занаетчии, што нема да го возат занаетчии

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here