за

Jaguar Land Rover стравува од последиците од Брегзит

Jaguar Land Rover стравува од последиците од Брегзит
Jaguar Land Rover стравува од последиците од Брегзит

Британската автомобилска индустрија нема толку важна улога за државата како што тоа е случај со Renault во Франција или Daimler во Германија, но пак ќе трпи последици од Брегзит. Honda веќе најави заминување од земјата, следат и други производители, а се очекува и големо поскапување на автомобилите.

Со изборната победа на Борис Џонсон е сосем извесно дека Велика Британија ќе ја напушти Унијата. Но, останува неизвесноста за тоа што ќе се случува по Брегзит. Тоа важи особено за производителите на автомобили во земјата. Honda најави дека во 2021 година ќе ја затвори својата единствена фабрика во Европа, а со тоа ќе се затворат и околу 3.500 работни места во Свиндон. Ford исто така ќе затвори една од своите фабрики, конкретно фабриката за мотори во Велс.

Причините за овие чекори имаат друга природа и не се поврзуваат директно во Брегзит, меѓутоа генерално постои голема неизвесност, како Брегзит ќе влијае врз производителите на автомобили. Меѓу нив, секако се мисли првенствено на фабриката на Mini во Оксфорд (има уште две фабрики), но марката сепак е дел од моќната групација BMW и евентуалните компликации ќе може да се надминат полесно. Во Велика Британија произведуваат и Jaguar Land Rover, Aston Martin, Bentley, Lotus, McLaren, Nissan, Rolls-Royce и Vauxhall (Opel).

Главното прашање: Излегување од ЕУ со или без договор?

Планот е Велика Британија да излезе од ЕУ на 31-ви јануари 2020 година. Договорен е преоден рок, во којшто ќе продолжат да важат сите одредби на ЕУ и којшто првично ќе важи до крајот на 2020 година, иако се верува дека и тој ќе се одложи.

Промените од Брегзит ќе се оценуваат дури по склучувањето на спогодбата за трговија. Постојат две сценарија. Доколку се постигне „дил“, за идните трговски односи ќе се преговара за време на преодниот рок. Второто сценарио е излегување на земјата без договор. Тоа моментно е поверојатно сценарио, затоа што Борис Џонсон сака земјата по секоја цена да излезе од ЕУ на 31-ви јануари.

Во последниов случај, автомобилската индустрија ќе се најде во неизвесна ситуација, затоа што ќе мора да се одложува секаква инвестиција. Увозот во почетокот ќе поевтини, поради зајакнувањето на фунтата. Некои марки ќе го искористат тоа и ќе понудат поевтини автомобили на британскиот пазар. Со тоа се очекува да заживее тамошниот пазар.

Од друга страна, мора да се земе предвид дека производството во фабриките ќе поскапи, поради зголемените трошоци во синџирот на добавувачите на автомобилската индустрија. Во економски чувствителниот период, производителите на автомобили нема да бидат во состојба да надоместат за овие зголемени трошоци, преку поскапување на своите автомобили. Тоа ќе се рефлектира врз заработката.

Производителите и добавувачите се подготвуваат

Според анкетата што лобистите на британската автомобилска индустрија ја објавија во октомври, 11,8 проценти од компаниите ќе се откажат од својот бизнис во Велика Британија, додека 13,4 проценти ќе го преселат својот бизнис на континентот. Покрај тоа, 77,4 проценти од компаниите имаат негативни последици врз својата работа уште пред излегувањето на земјата од Унијата. Повеќе од 80 проценти од компаниите стравуваат дека излегувањето од ЕУ без договор ќе има негативни последици врз иднината.

На кус рок, 73,2 проценти од компаниите активно се подготвуваат за потешкотии, насочувајќи половина од парите во создавање залихи, со цел да се избегне одолговлекување на граничката постапка, а со тоа и опасност од прекин на производството. Натамошни 26,8 проценти од компаниите извршиле промени во инфраструктурата за царинење, додека една третина од нив ги приспособиле рутите за испорака и за логистиката.

Британскиот производител Jaguar Land Rover особено стравува од излегување без договор. Последиците од лоша спогодба може да доведат до губење на десетици илјади работни места во индустријата. Шефот Ралф Шпет коментира: „Потребни ми се 20 милиони делови дневно, што значи дека морам да се обврзам кон моите добавувачи. Морам да го добијам секој дел, и секој дел морам да го имам точно на време.“ Овој добавувачки синџир може да се наруши поради излегувањето на Велика Британија.

Jaguar Land Rover имаше проблематична 2018 година, а има проблеми и во оваа. Моментно компанијата има само еден електричен автомобил во понудата, Jaguar I-Pace. Во следната година стапуваат уште построги норми за издувни гасови во ЕУ, кои JLR нема да ги исполни со актуелната моделска понуда. Поради тоа, британскиот производител со индиски капитал ќе се соочи со тежок финансиски удар, поради пеналите кои ќе мора да ги плаќа за своите автомобили што ќе ги продава во ЕУ.

Британската влада ќе ѝ помага на индустријата

Британската влада подготвува интервентни мери за индустријата. Моментно се водат преговори со бројните производители што имаат фабрики во земјата, со цел да се изберат механизмите преку коишто државата ќе може да им излезе во пресрет на истите, со цел да ги задржат продукцијата и конкурентноста.

Се предлага регионален фонд за развој, кој ќе обезбедува субвенции надвор од редовната постапка, со цел да се реагира брзо доколку дојде до застој во одредени подрачја. Понатаму, нема да се воведуваат дополнителни царински контроли, заради избегнување прекин во добавувачкиот синџир. Во меѓувреме, француските власти даваат позитивен сигнал и најавуваат дека во пристаништето во Кале нема да предизвикуваат дополнителни проблеми при пристигањето на стока преку „каналот“.

Шефот на Tesla, Илон Маск, неодамна откри дека Брегзит бил една од причините за тој да ја избере Германија како локација за европската фабрика. Во интервју за англискиот „Ауто Експрес“, тој посочи дека изградбата на гигафабриката во Велика Британија е премногу рискантна.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

xpeng p7

Производителот на телефони Xiaomi вложува во електрични автомобили

Suzuki најавува Vitara и S-Cross со благ хибриден погон

Suzuki најавува Vitara и S-Cross со благ хибриден погон