Одлуката да се купи автомобил е мошне важна, сепак станува збор за втора најголема инвестиција по купување стан. Една статистика објавена во Германија открива како се однесуваат купувачите кога избираат нов автомобил.
Автомобилот за некого е статусен симбол и израз на професионалниот успех. Во исто време, од автомобилите се бараат практични квалитети, како просторност, ниски трошоци за одржување или ниска потрошувачка на гориво, односно струја. Што и колку им значат сите овие квалитети на купувачите, покажува статистиката на германската агенција Аксиом.
Малку повеќе од три петини од возачките и возачите во Германија, или 61 проценти, го донесуваат решението да купат автомобил во рок од три месеци. Само на три проценти им е потребно да размислуваат за тоа подолго од една година.
Конечната одлука за купување, половината од возачите ја донесуваат сами. Притоа, мажите почесто решаваат сами (56 проценти), отколку дамите (45 проценти). Кој решава сам, почесто се раководи според препораките од познајниците или од семејството. Се дава значење и на оцените на гугл.
Слична слика владее при купувањето електричен автомобил. Малку повеќе од половината решава заедно со животната партнерка/партнер (52 проценти). Кај жените се 68 проценти, кај мажите само 40 проценти.
Агенцијата Аксиом го споведе истражувањето во Германија во август 2023 година, со нагласок на електричните автомобили. Прашањата се однесуваа на моделот на автомобил што испитаниците го возат во моментот, на причините за избор на тој модел и главно се бараа ставови за превозните средства.
Дилерите и натаму се важна алка во ланецот
Германците генерално се задоволни со автомобилот: 84 проценти повторно би се решиле за истиот модел. Сепак постојат големи разлики околу тоа дали дилерот бил прв извор на информации. Истиот модел би го купиле 91 процент од возачите што се информирале кај дилерот во којшто имаат доверба.
Натпросечно се задоволни тие што поседуваат автомобил со електричен или хибриден погон (91 процент), наспроти 83 проценти кај сопствениците на автомобил со мотор со внатрешно согорување.
Две третини од сопствениците остануваат кај дилерот кај којшто го купиле сегашниот автомобил: 63 проценти пред купувањето ќе се информираат прво таму. При купувањето хибриден автомобил, уште поголемо е значењето на дилерот: 71 процент прво ќе се информираат кај дилерот во којшто имаат доверба. Цената секако дека има улога: Колку е поскап автомобилот, толку е поважен дилерот.
При изборот решаваат цената и марката
За фактичкото купување кај повеќето решаваат цената и марката. За повеќето е важен фактор цената, независно од тоа дали станува збор за модел со мотор (95 проценти) или електричен или хибриден автомобил (94 проценти). Една четвртина од испитаниците (23 проценти) сепак наведуваат дека дилерот во којшто имаат доверба им е уште поважен од цената на автомобилот.
Марката е втор најважен фактор, со поголемо влијание при изборот на електричен или хибриден автомобил (76 проценти), отколку кај возилата со мотор со внатрешно согорување (70 проценти). Марката решава и меѓу фановите (85 проценти) и меѓу тие што автомобилот го гледаат како статусен симбол (95 проценти).
Препораките од пријатели или познајници се важни кај половината (46 проценти). Со 53 проценти меѓу жените и 39 проценти меѓу мажите, сепак се покажува дека дамите повеќе веруваат на овие препораки. За самите се поважни и препораките од гугл (41 проценти), наспроти мажите (31 проценти).
Оцените од пребарувачите губат на важност кај повозрасните возачи. Повеќе од половината (53%) од испитаниците на возраст од 18 до 29 години ги смета овие оцени за важни, наспроти 37 проценти во возрасната група меѓу 40 и 49 години или помалку од една четвртина (24 проценти) кај испитаниците над 50 години.
Оддалеченост меѓу 20 и 50 километри до избраниот автомобил
Најдобриот избор на автомобил не се нуди секогаш зад аголот. Една третина од испитаниците бара во круг со радиус меѓу 20 и 50 километри. Повеќе од 50 километри би патувале 26 проценти од испитаниците, додека осум проценти би патувале и до крајот на државата.
Доколку се бара одредена марка или најдобра цена, купувачите се подготвени да патуваат и подалеку. Автомобилските фанови (37%) и помладите купувачли (33 проценти меѓу 18 и 29 години) ќе патуваат подолго од 50 километри, за да го најдат најдобриот автомобил.
Што се однесува до финансирањето, два од секои три автомобили во Германија се купуваат во готовина, без отплата на рати. Преку кредит од банките на автомобилските производители купуваат 17 проценти, за лизинг се решаваат 10 проценти, а 7 проценти преку обична банка.
Во поглед на видот на погонот, електричните и хибридните автомобили, што во основа чинат повеќе од моделите со обичен погон, почесто се купуваат преку лизинг (42 проценти), а 41 проценти се купуваат со целосно плаќање веднаш.
















