за

Новиот Hyundai Tucson од денес во салонот на Ми-Да Гранд Моторс

По една година откако почна да работи со Hyundai и по еден месец од европската премиера на моделот, Ми-Да Гранд Моторс денес преку друштвените мрежи го претстави новиот Hyundai Tucson пред македонската публика.

Преоѓањето на марката Hyundai во портфолиото на Ми-Да Гранд Моторс, традиционален увозник за Ford, во услови на пандемијата беше дополнителен предизвик за компанијата. Тој предизвик очигледно послужи како мотивација за работењето да се приспособи според новите услови и марката повторно да заживее на македонската сцена. Во салонот на Hyundai во изминатата година од отворањето пристигнаа бројни новини. Клучниот модел е Hyundai Tucson, од денес изложен во салонот во Скопје.

Близу три илјади прегледи по четири часови од премиерата се најдобро мерило за тоа колку Hyundai Tucson е важен модел на македонската сцена. Четвртата генерација на моделот што во сите претходни генерации постигнуваше забележив успех на нашиот пазар, од денес е изложена во салонот на Hyundai во Скопје, а дополнително има на располагање и неколку примероци за пробно возење.

Во видеопрезентацијата што се пренесуваше во живо на друштвените мрежи, директорот на компанијата Дритон Заири потсети дека во меѓувреме изминала една година откако марката Hyundai лани стартуваше како новина во понудата на Ми-Да Гранд Моторс. „На клиентите им покажавме дека со нашата компанија може да се чувствуваат многу сигурни и дека секогаш сме тука за нив“, порача Заири од салонот на Hyundai. Директорот понатаму наведе дека постојано се вложуваат крајни напори, за на клиентите да им се понуди беспрекорна услуга, согласно начелата на компанијата и на самата марка Hyundai. Секако дека не изостава и напоменувањето за 7-годишната гаранција за возилата од марката, што „клиентите ги уверува дека со Hyundai секогаш ќе бидат во сигурни раце“. Според Заири, Tucson однадвор „освојува на прв поглед, но во кабината се заљубувате во моделот.“

>>> во објавата користевме фабрички фотографии од Hyundai Tucson, наскоро ќе објавиме и содржина со домашни фотографии

New photo by Automedia MK / Google Photos

Презентацијата на моделот што во изминатите 17 години се има продадено во повеќе од 7 милиони примероци, вешто ја изведе Никола Талевски, продажен советник во македонскиот Hyundai. „Автомобилот изгледа впечатливо и единствено, не може да се измеша со друг автомобил“, објаснува Талевски. Станува збор за дизајнерска револиција, којашто ја предводи предната решетка, со повеќеделни дневни светла што се дел од самата решетка и создаваат разновидни ефекти. Решетката е толку доминантна што главните светла долу се забележуваат дури отпосле.

Страничната силуета ја заокружува долгиот лак во сребрена боја над линијата на прозорците. Посебна приказна создаваат и рабовите во крилата и во повеќе подрачја од каросеријата. Tucson No. 4 е подолг за 20 mm и поширок за 15 mm, а соодветно и меѓуоскиното растојание порасна на 2,68 метри. Задните светла се изведени како визуелна целина, што визуелно ја шири каросеријата, исто како и неколкуте различно изведени подрачја во браникот.

Посебно внимание заслужува логото, коешто е впуштено во стаклото и има впечатлив 3D-дизајн. За целата површина да биде чиста и уште толку да се стави нагласок на логото, бришачот е сокриен под задниот спојлер и не се забележува кога мирува. Багажникот располага со зафатнина од 620 литри, односно максимално 1.800 литри. Клупата може да се спушти со рачка директно преку багажникот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Понудата од погонски единици ја сочинуваат 1,6-литарски турбо-бензинец со 150 и 180 КС, во комбинација со мануелен или менувач со двојна спојка DCT. Посилниот мотор може да се комбинира со погон на сите тркала. Дизелот 1.6 CRDi се нуди во изведба со 115 или 136 КС, со тоа што посилниот мотор и тука може да се комбинира со менувач DCT и погон на сите тркала. Подоцна во понудата ќе се приклучат и три изведби со хибриден погон, односно со благ, стандарден и приклучен хибрид.

Во средишната конзола стандардно се вградува дисплеј од 8 инчи, додека повисоките нивоа на опременост располагаат со дигитални инстурменти од 10,25 инчи и средишен дисплеј со истата големина. Воланот има нов дизајн, а елеганција внесуваат тенките отвори за воздух што се поставени по целата ширина на кокпитот. Во топ-нивоата се вградува и тризонска клима.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во случај на DCT, повеќе нема класичен бирач, туку има команди што се слеани со средишната конзола. Возачот може да избира меѓу три режими на возење, односно штедлив и спротски, покрај нормалниот режим. Соодветно со режимот се менува и бојата на дигиталните инструменти. Интересно решение за функционалноста е тоа што прекинувачите за надолжно местење на совозачкото седиште се лесно достапни и од задната клупа.

Ценовникот почнува со Hyundai Tucson 1.6 T-GDi со 150 КС и цена од 23.900 евра во нивото на опрема Comfort. На располагање стојат шест нивоа на опрема. Дизелот со 115 КС стартува од 25.500 евра. Најдостапна изведба со погон на сите тркала и менува DCT e Tucson 1.6 T-GDi со 180 КС и цена од 32.300 евра во средното ниво на опрема Vision.

Видео-презентацијата може да се погледне на профилот на Hyundai на фејсбук:

https://fb.watch/4AnSAu8hXy/

Ценовникот за новиот Hyundai Tucson е достапен на следниот линк:

https://www.hyundai-mk.mk/upload/document/new_tucson.pdf

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen Tiguan во освежено издание во Порше

Електричниот Fiat 500 пристигна во Македонија