за

Hyundai со погон на водород ќе вози низ Лондон

Hyundai ix35 Fuel Cell

Англиската метропола има план да стане водечки центар во светот за погонот на водород. Пет примероци од првиот сериски автомобил со погон на водород, Hyundai ix35 Fuel Cell, наскоро ќе се појават на лондонските улици.

Hyundai е еден од петте партнери во конзорциумот кој што има за цел да изгради соодветна инфраструктура од станици за снабдување со водород во Лондон и во југоисточниот дел на Англија и да го популаризира водородот како погонско гориво во замена за обичните фосилни горива.

ix35fuelcell_020

Проектот финансиран од британската влада ќе им овозможи на јавните и приватните компании со големи возни паркови секојдневно да ги користат петте возила што Hyundai ги дава на располагање. Овие пет возила се меѓу првите од вкупно 1.000 примероци што корејската компанија ќе ги произведе до 2015 година во истата фабрика од која што доаѓаат и моделите со конвенционален погон, во корејскиот Улсан.

Поголемиот дел од овие 1.000 возила ќе бидат на располагање на територијата на Европа, каде што Европската Комисија воспостави бројни шеми на користење со цел да се промовира водородот како енергенс со апсолутна чиста емисија при согорувањето.

Прво сериско возило во светот со погон на водород

Идејата во развојот на ix35 Fuel Cell беше да се понуди автомобил со истата практичност, безбедност и возни својства како ix35 со обичен мотор со внатрешно согорување, но со нулта емисија на штетни материи. Ограничувањата на чистиот погон на водород се речиси незначителни во споредба со конвенционалите решенија, а дотолку е поголема предноста во споредба со погонот на струја. Hyundai ix35 Fuel Cell постигнува 160 километри на час, забрзува до сто за 12,5 секунди и со еден резервоар со вородот минува до 600 километри, со таа разлика што од издувната цевка излегува единствено вода чиста како од лабораторија.

Брзо и едноставно полнење гориво

Друга голема предност на погонот на водород пред останатите алтернативни погони е брзото и едноставно полнење гориво. Резервоарот се полни со водород за само две до три минути. Развојот на погонот со горивни ќелии во Hyundai трае веќе 15 години и производителот оцени дека технологијата ја достигна потребната зрелост со пуштањето на возилото во сериско производство.

Погонот на водород е на пат да стане реалност во Лондон, каде што веќе се пуштени во употреба две станици за полнење водород, а третата ќе следи за скоро време. Следните три станици за водород ќе почнат да работат до 2015 година, за кога се очекува бројот на возила со погон со горивни ќелии да се зголеми за десетпати, односно да постигне бројка од 50 возила, вкулучувајќи патнички автомобили, автобуси и скутери.

Кит Молтхаус, одговорен за бизнис и претприемништво и претседател во управата на градот Лондон и претседател на локалното партнерство за водород оценува: „Возилата со погон на батерии се одлична технологија, но исто како факс машините тие се само привремени и се јавува голем отпор од страна на клиентите во секој поглед, вклучувајќи го малиот досег и долгото време за полнење на батериите. Иако имаме 1.300 станици за полнење во градот, не може да се гарантира дека ќе се најде простор на улица за полнење на батериите преку ноќ. Лондон е прегусто населен.“

Водородот се добива од обновливи извори

За производство на водород може да се користи енергија од обновливи извори, од ветрот на пример, но исто така и од големата количина на отпад што секојдневно ја исфрлува градот. Со производство на вородот од биомаса воедно се добива вредно и чисто гориво, а од друга страна се намалува градскиот отпад.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Seat Leon го победи BMW на споредбениот тест на Auto Bild

Daimler ќе профитира дополнително од мобилната телефонија