Градскиот електричен автомобил Honda E предизвика големо внимание при неговото појавување пролетоска. Јапонското мини сега ја освои и титулата на „German Car of the Year“, победувајќи го Volkswagen ID.3. Електричен автомобил третпат победува на германскиот избор.
Honda E во завршницата на изборот го победи силниот противник Volkswagen Golf, двата електрични модели Volkswagen ID.3 и Polestar 2, а подобар е и од спортската Alpina B3, кои се победници во одделните категории во изборот за Германски автомобил на годината.
Лани триумфот му успеа на Porsche Taycan, додека титулата за 2019 година ја освои Jaguar I-Pace. Годинава се докажа дека електричните автомобили и покрај мошне нискиот удел во вкупната продажба на автомобили, се во голема предност во поглед на иднината.
Жирито на изборот што се води официјално под „German Car of the Year“ го сочинуваат 18 познати автомобилски новинари од германското јазично подрачје.
При изборот, Honda E беше во предност според сите оценувани критериуми. Во одделните категории, за дизајн, за инфо-забавните системи и конективноста, пазарното значење и иновативноста, како и животната средина, јапонскиот електромобил се најде на првото место. Победата на Honda E постигната е со голема предност.
Првпат јапонски автомобил победува во изборот за германски автомобил на годината. Во одделните класи, при тест возењата за German Car of the Year 2021 се пробија VW Golf (компакт класа), VW ID.3 (премиум до 50.000 евра), Polestar 2 (луксузни над 50.000 евра), Honda E (алтернативен погон) и BMW Alpina B3 (со високи перформанси).
















