Honda развива батериска техника којашто ќе овозможи електричните автомобили во 2022 година да ја обновуваат енергијата за само 15 минути.
Honda најавува значително скусување на времето за полнење на батериите на електричните автомобили. Јапонскиот производител развива батерии што ќе се полнат за само 15 минути и ќе располагаат со досег од 240 километри. Електричните модели со новата техника ќе почнат да се појавуваат веќе во 2022 година. Моментно се избира партнерот којшто ќе учествува во доведувањето на техниката до зрелост за сериско производство. Батериите за актуелните модели со хибриден погон пристигаат од Panasonic.
При користење брз полнач, денешните електрични автомобили постигнуваат наполнетост на батериите од 80% за половина час. Honda го скусува времетраењето на полнењето за половина и се приближува до времето коешто е потребно за полнење гориво во резервоар на возила со обичен погон.
За полнењето навистина да трае 15 минути, и полначот мора да биде слободен
За брзината сепак останува пресудна бројноста од станиците за полнење, односно слободните брзи полначи. Кога електричен автомобил ќе пристигне на станицата, 15-те минути се безначајни доколку мора да чека две возила да ги наполнат батериите. Помош во тој поглед може да биде само мобилна апликација којашто ќе прикажува каде е најблискиот слободен полнач.
Honda годинава претстави две студии на електрични автомобили
Honda ќе стартува со продажба на првиот електричен автомобил во 2019 година. На салонот во Франкфурт беше прикажана студијата Urban EV Concept, како најава за идниот модел со ретро стил. Европскиот пазар прв ќе го добие новиот електричен модел. Во овој автомобил сепак ќе се користи постоечката батериска техника. Уште една студија на автомобил со електричен погон беше прикажана пред неколку седмици, на салонот во Токио.
















