Сообраќајната полиција во минатата година им пишувала на холандските возачи во просек по 200 казни за телефонирање секој ден. Во меѓувреме, полицијата се жали дека нема доволно службеници. Се размислува за воведување камери
Холандскиот регистар на казни, за минатата година наплатил близу 75.000 казни за користење мобилен телефон при возење. Вкупната парична вредност на наплатените казни изнесува 17 милиони евра. Тоа е зголемување за една четвртина во споредба со 2016 година. Значајно зголемување во бројот на казни за телефонирање при возење автомобил било регистрирано и во годината порано.
Во просек, холандските сообраќајци лани пишувале по двесте казни секој ден. Моментно се размислува дали во иднина да се воведе систем од камери што ќе го регистрираат користењето мобилен телефон зад воланот.
Од следната година казни за телефонирање и за велосипедисти и мотоциклисти
Во министерството за правда во земјата се планира воведување целосна забрана за користење мобилен телефон за сите учесници во сообраќајот, вклучувајќи ги и мотоциклистите и велосипедистите. Забраната би стапила на сила веќе на 1-ви јули следната година.
Полициските синдикати реагираа на тоа и посочуваат дека уште во моментов не располагаат со доволно полициски службеници, кои ќе ги извршуваат сите дополнителни задачи што Хаг ѝ ги додели на националната полиција во последните неколку години.