за

Електричното мини на Great Wall во Кина чини под 10.000 евра

great wall ora r1
great wall ora r1

Кинеската марка Great Wall есенва го привлече вниманието со премиерата на Haval H6 на салонот во Софија, а моделот веќе се нуди и кај нас. Во меѓувреме пристигаат вести од матичниот пазар на Great Wall, кадешто од електричното мини Ora R1 во септември се продале близу 2.000 примероци.

Едно малечко возило во моделската понуда на Great Wall во моментов постигнува многу за марката на домашниот пазар. Станува збор за електричниот градски автомобил од подмарката Ora, специјализирана за погон на струја. Електричниот погон воопшто не е туѓ за пазарот во големата азиска земја. Напротив, Кина е најголем пазар и воедно најголем производител на автомобили на батерија во светот. Ora R1 во септември се продал во 1.787 примероци, што е солидна месечна продажба за електричен автомобил од класата на R1, особено ако се земе фактот дека во Кина моментно се регистрирани 486 производители на електрични возила.

Под смела претпоставка дека електричното мини некогаш би можело да пристигне и на македонскиот пазар, по примерот на големите СУВ-модели на марката, па и на познатиот Voleex во стил на Yaris, го поставуваме прашањето: Колку Ora R1 се совпаѓа со европските очекувања за автомобил од оваа класа – со електричен погон? Може ли овој кинески автомобил да успее на тукашниот пазар? Важна напомена: Овој автомобил на струја, што вклучувајќи ја актуелната државна субвенција во висина од 25.000 јуани, во Кина чини 71.800 јуани или 9.270 евра. Во Македонија се уште не постојат субвенции за електрични автомобили, но…

Ora R1 изгледа симпатично, познато, модерно, а во исто време и со ретро нота. Не е грешка ако во возилото се препознае силуетата и впечатливите детали од Honda E, исто како што и целиот круг околу вратите, бојадисан бело заради контраст со останатите делови од каросеријата, потсеќа непогрежливо на smart fortwo и forfour.

Стил на Honda e, smart forfour, по малку Mini, со пакување во големина на Mitsubishi EV, а цена на Toyota Aygo

Овие „позајмени“ инспирации не претставуваат пречка за успехот на одреден модел, за што сведочи и самиот Voleex, кој изгледа речиси идентично со Toyota Yaris од претходните генерации. Ora е долга 3.495, широка 1.660 и висока 1.560 милиметри, а меѓусокиното растојание изнесува 2.475 милиметри. Отсуствува податокот за големината на багажникот, таа вообичаено се движи меѓу 150 и 200 литри.

Апсолутна сензација е податокот за капацитетот на батеријата. Со 33 киловатчасови, Ora R1 располага има незначително помала батерија од светскиот бестселер Nissan Leaf, кој во основната изведба поседува батерија од 36 киловатчасови. Затоа е сосем веродостоен и фабричкиот податок за досег од 351 километри, според старата норма NEDC. Во реални услови и во град, доколку времето не е премногу студено, кинескиот електромобил би минувал сигурно околу 250 километри со едно полнење.

Кинескиот производител вешто избрал баланс меѓу голема батерија за долг досег и електромотор со моќност доволна за градско возење, за цената да не биде превисока

Моќноста на електормоторот не импресионира толку, но и не мора покрај цената на автомобилот. Станува збор за електромотор со перманентен магнет со максимална моќност од 35 киловати, односно 48 КС. Крајната брзина е ограничена на 102 km/h, спринтот од место до 50 km/h трае 5,6 секунди. Возилото е тешко 990 килограми, благодарение на што е способно да извози 10 километри со 1 kWh енергија (односно просек 10 kWh/100 km), како што наведува производителот.

Струјната архитектура дозволува и користење на силни полначи со еднонасочна струја, при што полнењето од 5% до 80% би траело околу 40 минути. На сопствениот полнач и на обичен приклучок за струја, Ora R1 ќе биде полна по 10 ласови. Постои можност за дотерување на интензитетот на „моторно“ сопирање, односно може да се избере електромоторот да го сопира возилото посилно при отпуштање на педалата за возење, при што батеријата се полни со посилен интензитет. Уште една корист: Во „најтешките“ степени ретко мора да се користи сопирачката.

Безбедносното ниво на кинеските автомобили во меѓувреме е значително подигнато, државата се залага за производителите да почитуваат високи стандарди во секој поглед

Нема пропусти ниту во безбедносната опрема. Предни воздушни перници, АВЅ, контрола на притисок во гуми, помош при поаѓање на нагорнина, предупредување при пешак на пат – сето тоа е стандард кај кинеското електро-мини. Во најопремата изведба, со цена од 10.300 евра, следат и странични воздушни перници, контрола на тракција и контрола на стабилност, како и предупредување при опасност од судир и самостојно запирање доколку судирот повеќе не може да се избегне.

Од комфорната опрема, електричен клима-уред се вградува стандардно, исто како и електрика на ретровизори, блутут, можност за безжично вчитување нов софтвер, дисплеј од 9 инчи, говорни команди, интернет радио, мобилен интернет и изобилство од апликации, со кои полнењето може да се контролира оддалеку.

Одговорот, вака оддалеку, секако дека би бил позитивен: Овој автомобил можеме да го посакаме и на македонскиот пазар, ако не за приватни купувачи, тогаш барем за државни институции, курирски служби, достава на производи во подрачја со прекумерна загаденост на воздухот и слично.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi Маркус Дусман

Audi добива нов шеф, поранешен менаџер во BMW

MINI COOPER SE

Mini во две крајности: Cooper на струја и „Works“ со 306 КС за Лос Анџелес