за

Golf станува неподнослив – за конкурентите

Ова како да е година на Golf. Постојано нови модели – GTI, GTD, Variant, BlueMotion. Како тоа да беше недоволно да се докаже доминацијата, компактот од Волфсбург уште си ги прекрстува нозете на кралскиот трон со Golf R со 300 КС.

Во првата половина од годинава постојано доаѓаа новитети за компактот на Volkswagen. Прво понудата ја круниса GTI,  а веднаш потоа и неговиот дизелски пандан GTD, за набрзо да следуваат комбито Variant и штедливата верзија TDI Blue Motion. Можеби сега ќе следува затишје, доаѓа Golf R, како знаменосец на целата моделска гама на компактот. Далеку од затишје. Со 300 КС и германска цена од 38.325 евра, досега не постоела посилна и поскапа верзија на Golf.

volkswagen golf r nazad

Моторот е целосно нова конструкција, со моќност што е за 30 КС поголема од претходникот, но и со потрошувачка пониска од него за 18 проценти. Исто како и сите досегашни генерации на Golf R, новакот ја пренесува силата од турбо моторот до патот преку постојан погон на сите тркала. Во овој случај се работи за последната верзија на системот 4MOTION, со халдекс спојка од петтата генерација.

За и подвозјето да ја следи во чекор поголемата силина, каросеријата е спуштена за 20 милиметри, се користи ново прогресивно управување, а специјално за тркачка патека, за прв пат се нуди можност спортска програма на контролата на стабилноста ESC Sport. Со доплата се добива и приспособливата амортизација DCC, вклучувајќи неколку програми за избор на возачот, меѓу другото и тркачка програма.

Со мануелен менувач, Golf R постигнува темпо 100 по само 5,1 секунди, што е за 0,6 секунди подобро од претходникот со 270 КС. Ако е опремен со менувач со двојна спојка DSG, тогаш R скусува уште две десетинки. Крајната брзина е ограничена на 250 километри на час. Инженерите се горди и на намалувањето на потрошувачката: Со просек од 7,1 литри на сто километри, Golf R троши 1,4 литар помалку од претходникот. За тоа во дел помагаат и системот старт-стоп и повратокот на енергијата при сопирање. Вообичаено, со менувач DSG потрошувачката се намалува дополнително, односно на 6,9 литри.

Опремата на Golf R вклучува бројни ексклузивни ставки. Браниците имаат уникатен стил, исто како и праговите и бандажите од 18 инчи. Биксенонските светла се во серија, заедно со дневни диодни светла, со распоред во форма на двојно U. Назад работат исто така диодни светла, во потемна црвена боја, а погледот не може да ги утне четирите хромирани издувни цевки. Седиштата се обложени со алкантара, возачот држи во рака спортски волан со три краци, кокпитот добива ефектно амбиентално осветлување. Автоматската клима и радиото со ракување преку дисплеј на допир се исто така дел од стандардната опрема.

Најсилниот и воедно најштедлив Golf R на сите времиња ќе биде достапен во каросериските изведби со две и четири врати во последниот кварта од годинава. Во германскиот ценовник Golf R фигурира со 38.325 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Dacia Duster стана Nissan Terrano за индискиот пазар

Подобар Ferrari и од Ferrari