за

Hummer се враќа како електричен пикап со 1.000 КС

Стартот се одложуваше повеќепати, но моќната машина конечно е тука. General Motors повторно ја заживеа марката Hummer, со електричен погон и со 1.000 КС.

GMC Hummer EV

Во споредба со новиот GMC Hummer EV, електричниот пикап Tesla Cybertruck изгледа како играчка. General Motors ја врати во живот марката Hummer откако ја укина истата пред неколку години, но ја врати како марка електрични пикапи.

Тоа што сите се прашуваат прво. Масивниот пикап со погон на батерија се пробива по теренот исто толку успешно како неговите претци. Клучната разлика е во тоа што освен длабоки траги од гумите, овој зад себе не остава никакви траги – во смисла на чистиот електричен погон.

Електричниот Hummer излезе исто како што сите го очекуваа. Предниот дел изгледа моќно, со широка маска и со опаш што исто така изгледа застрашувачки. Задниот поклопец поседува функции колку швајцарско ноже. Целиот настап го заокружуваат гигантски тркала и куси каросериски превиси, за возилото да не закачува на пречки.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Овој иновативен камионет пристига на пазарот со цврста цел, приближувајќи го GM чекор поблиску до целосно електричната иднина“, цени Марк Реус, претседател на General Motors. Шефот на американскит концерн понатаму вели дека „со нашата Ultium-Drive-архитектура како основа за исклучително широк спектар од моќност, електричниот Hummer е совршен за клиентите што бараат способност, ефикасност и моќ.“

На пикапот сигурно не му недостига моќ. Погонот на сите тркала го сочинуваат три електромотори, кои заедно постигнуваат 1.000 КС. Со варијабилна распределба на моќноста меѓу двете оски, Hummer EV спринтува од место до темпо сто за само три секунди.

При пониски брзини, тркалата на двете оски се завртуваат во иста насока, за Hummer по тежок терен да може да вози странично, исто како што се движи краба. Доколку тоа не е можно и покрај теренските валци од 35 инчи, пневматската суспензија може да го подигне колосот за 15 сантиметри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Може да се монтираат и тркала од 37 инчи, при што ќе може да се совладува и возење во вода длабока до 60 сантиметри. „Си поставивме цел за Hummer EV: Да го конструираме најспособниот пикап од сериско производство во историјата“, открива Ал Опенхајсер, главен инженер на Hummer. „Тоа е апсолутен теренски монструм со единствен погонски систем e4WD, што изведува маневри, какви што GM нема понудено досега.“

За подната група да не се оштетува по тешко прооден терен, изведени се класични заштитни мерки околу оските и батеријата. Камерите во подот се грижат возачот да има преглед и врз подрачјето под возилото. Информациите од камерите под и околу целото возило се прикажуваат на средишниот диспелј од 13,4 инчи.

Цел при развојот на Hummer EV беше освен врвни теренски својства, да се понуди и комфор за возење на долги релации

Зад воланот се наоѓаат дигитални инструменти со пречник од 12,3 инчи. Освен страничните стакла, се спушта и задното стакло, а со електромотор се отвора и затвора и товарниот простор. Иако Hummer EV не поседува масивно карданско вратило како славните претци, големиот средишен тунел остана како заштитен знак на возилото. Простор секако не недостига, внатре има пет комотни седишта.

Батеријата во подот овозможува досег од 560 километри. На брз полнач со еднонасочен напон и моќност од 350 киловати, батеријата за десет минути полни енергија за следните 100 милји, односно 160 километри. Целта беше GMC Hummer EV да може да се докаже и при долги патувања. Поради тоа, електричниот теренец поседува и изобилство од системи за асистенција.

Меѓу овие системи што му помагаат на возачот спаѓа и Super Cruise, познат од моделите на Cadillac, кој овозможува автономно возење по автопатиштата без потреба да се држат рацете на воланот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Производството ќе започне кон крајот на 2021 година во фабриката Хамтрамк, покрај Детроит, чијашто пренамена вредеше 2,2 милијарди долари. Продажбата ќе стартува дури во почетокот на 2022 година. Веројатноста дека пикапот ќе се испорачува и за европскиот пазар се мали. Независните импортери на американски автомобили сепак ќе имаат полни раце работа, затоа што е несомнено дека и во Европа ќе има голем интерес за ова големо парче автомобил, што убедува и со моќноста.

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes S-Class паркира сам во катна гаража

Mercedes S-Class паркира сам во катна гаража

Uber им нуди 1 млрд. € на Mercedes и BMW за компанијата за мобилност

Uber им нуди 1 млрд. € на Mercedes и BMW за компанијата за мобилност